Скопје од минатата недела е побогато за еден уникатен креативен простор – Art Room, концепт што комбинира цртање на платно и дегустација на квалитетно вино, сместен на атрактивната локација кај Едера Rooftop. Свеченото отворање помина во позитивна атмосфера, со многу музика, насмевки и инспирација, а просторот веднаш го привлече вниманието на љубителите на креативни содржини и ветува дека ќе стане ново омилено место за дружење и самоизразување.
Креативен проект на млад ентузијаст
Зад Art Room стои 25-годишен млад ентузијаст кој, со поддршка од семејството и девојката, ја реализираше идејата која недостасуваше на скопската уметничка и социјална сцена. „Сакавме да создадеме простор каде луѓето ќе можат да се опуштат, да го разбијат секојдневието и да ја изразат својата креативност без притисок – сето тоа со чаша добро вино во рака,“ велат од тимот на Art Room.
Искусете ја уметноста без притисок
Идејата е едноставна, но ефектна: резервирате термин, доаѓате без потреба да знаете да цртате, а професионален уметник ве води низ целиот процес. Секоја сесија трае два и пол часа, придружена со музика и внимателно избрани вина – од македонското Тиквеш Special Selection до етикети од Италија, Франција и Шпанија.
Простор за возрасни и деца
Она што го издвојува Art Room е неговата мултифункционалност: покрај редовните термини, просторот може да се изнајми за родендени, тим билдинзи и приватни забави. За време на викендите, се организираат и детски креативни сесии со времетраење од два часа, со сокчиња наместо вино и многу бои. Родителите можат да присуствуваат или да ги остават децата да уживаат во уметноста. „Имаме и креативен ѕид каде секој може да напише како се чувствува тој ден, има мало катче за одмор и шанк за оние кои сакаат да наздрават со уште една чаша вино,“ додава тимот.
Како да го посетите
За повеќе информации и резервации, посетете го Art Room на Instagram.