Зоран Кардула е еден од најпрепознатливите македонски визуелни уметници, чиј опус ја преминува границата меѓу графичкиот дизајн, илустрацијата и уметничкиот активизам. Неговите дела се движат од минималистички и симболички постери до експериментални дигитални колажи, во кои се испреплетуваат локалното културно наследство и глобалните поп-културни кодови. Со способност да создава визуелни наративи кои истовремено се интимни и колективни, Кардула ја истражува улогата на уметноста во јавниот простор, но и нејзината моќ да ја трансформира секојдневната визуелна средина. Неговата работа е препознатлива по јасната линија, смелата симболика и истрајното настојување да се создаде препознатлив македонски визуелен идентитет кој комуницира со светот.
„Flora Imaginarium“ ја опишувате како визуелна симфонија. Кои делови од Вашиот емоционален и психолошки свет се најсилно вткаени во оваа симфонија?
Тоа е една визуелна бајка во која се преплетуваат суптилност, грациозност, рафинираност, стилизираност, елегантност и мистичност. Може да се почувствува колективната визуелна меморија на цивилизациските култури преку флората како одраз на идентитетот на едно место или култура. И сето тоа некако преплетено со женска фигура која секогаш се појавува во мојата уметност. Тука има експлозија на бои што е нешто ново во мојата уметност. Токму тоа и сакав да го постигнам со оглед дека живееме во едно сивило.
Две години работевте на концептот што започна како комерцијална соработка, а потоа се претвори во чиста уметност. Како го доживувате тој премин од дизајн наменет за бренд кон лична креативна експресија?
Пред скоро 2 години бев поканет да работам на специјалната едиција на Родео како последен македонски бренд кој успешно му пркоси на глобализацијата. Со задоволство прифатив и од тој момент почна развојот на идејата за ребрендирање. Како основен мотив и почетна идеја беше традицијата и како таа да ја претставиме во една современа форма. Заедно создадовме лимитирана едиција на пакувања која е повеќе од дизајн – тоа е приказна во која се преплетуваат македонскиот вез, листовите тутун, булките и цветовите на тутунот и сето тоа визуелно претставено како филигран. Создадовме приказна со еден современ дух кој носи вредности, наследство и традиција. И сето тоа креативно ме поттикна да ги создадам овие дела. Лесен беше преминот зошто и во самата едиција внесов дел од мојата уметност, а подоцна тоа го развив во една убава серија која, според реакцијата на публиката, одлично беше примена.
Изложбата ја опишувате како комбинација од илустрација, графички дизајн и визуелна поезија со експериментални графички композиции, постери и дигитални колажи — како гледате на предизвикот на комбинирање на различни медиуми и техники во едно кохерентно уметничко искуство?
Изложбата Flora Imaginarium е спој од дизајн кој е носечки елемент во специјалната едиција на Родео и илустрации кои настанаа во овој период. Сите дела се рачно цртани со маус (алатка која ја користам за цртање) и се дигитални илустрации. Веќе подолго време се откажав од класичното сликарство. Причината ја имам спомнато: кога помалата ќерка од здравствени причини беше на детоксификација, ми беше страв мирисот на терпентин да не ѝ влијае негативно и се префрлив на туш и дигитално цртање, и еве веќе 15 години комплетно се посветив на усовршување на оваа техника. Секогаш да се експериментира со разни техники е предизвик затоа што не знаете каков ќе биде епилогот и тоа е дополнителен адреналин. Иако, како што спомнав, комплетно се посветив на дигиталната илустрација, настојувам тоа експериментирање да го правам со разни дигитални четки кои симулираат разни сликарски техники и уживам во тоа.
Вашата серија илустрации инспирирани од „Војна на ѕвездите и Македониум“ предизвика големо внимание. Како лично го доживувате тој баланс меѓу глобалната поп култура и локалниот идентитет?
Како крушевчанец не можам да бидам имун на еден од најзначајните споменици на социјалистичкиот брутализам. Секогаш го замислував како дел од сценографијата на култниот серијал Star Wars и после многу години се решив таа моја замисла да ја реализирам и одлично помина. Глобално беше прифатена таа комбинација што беше доказ дека одлично си ја завршив задачата. Од моите илустрации секој може да примети колку го почитувам споменикот и колку многу ми бил инспирација. Тоа е нешто што по толку години може да се сфати: колку целиот комплекс Македониум е ремек-дело на архитектурата во Југославија. Нешто што сега ниту може да се изгради, ниту мислам дека вакво нешто би поминало на некој конкурс. Тоа ми е фасцинантно и за сите тие бруталистички споменици од НОБ во Југославија кои и ги имам илустрирано, и кои и по толку години оставаат без здив. Уживам во тие комбинации кои изгледаат нереално да им дадам живот преку илустрацијата, и секако можете да приметите дека секогаш се обидувам нешто локално да искомбинирам или претставам во некој глобален уметнички стил со цел да стане подостапен до младата популација.
Вашиот графички активизам често е дел од јавниот простор. Како ја гледате сопствената улога како уметник кој реагира на општествени и политички теми?
Мразам неправди, а живееме во свет во кој фашизмот отворено се промовира. Оттука и мојот активизам. Темите како борбата за рамноправност, правото на абортус, борбата за слобода, за демократија, зачувување на природата, дискриминацијата по секоја основа која е доста присутна како кај нас така и во светот, се присутни во мојот графички активизам.
Комбинацијата на минимализам, поп-арт и силни симболички пораки е заштитен знак на вашиот стил. Како гледате на еволуцијата на сопствениот уметнички израз низ годините?
Стилот се гради со години и со многу работа. Секако, како и сите уметници, имам еволуција во мојот уметнички израз, но сепак во основа имам некоја црта која сите некако ги поврзува и се во мој препознатлив стил. Живееме во ера на визуелна презаситеност, но во таа презаситеност мораме со својата работа да се одвоиме, да ве препознаат во тоа што го работите. Засега мојот стил е веќе препознатлив и драго ми е што тоа ѝ се допаѓа на публиката. Да се стигне до тоа искрено треба многу работа, но бидејќи уживам во ова што го работам, мислам дека публиката и моите клиенти со кои работам тоа го препознаваат во моите дела.