Неодамнешниот суборбитален лет на неколку славни жени, меѓу кои и пејачката Кети Пери – организиран од Blue Origin, вселенската компанија на милијардерот Џеф Безос – беше спектакл дизајниран да ги спои славата, технологијата и пазарниот „женски момент“. Со розови костими, звучни имиња и благ медиумски хероизам, летот беше промовиран како симбол на женската сила. „Историска мисија“, „ново поглавје за жените“, „женска вселенска револуција“ – беа некои од насловите.
Но дали навистина станува збор за револуција? Или за уште една симулација на напредок, спакувана во маркетиншка кампања? И пред сè – зошто ваквиот чин се повикува на феминизам?
Во време кога повеќето жени во светот сè уште се борат со пристап до основни ресурси, образование, безбедност и здравствена заштита – гледаме како група богати, поп-културно релевантни жени се носат во орбитата, не за да истражуваат, не за да иновираат, туку за да „претставуваат“. Но што точно претставуваат тие?
Ова не е феминизам, ова е неговата естетика – користена како маркетиншки инструмент. Да бидеме јасни: феминизмот не е гламурозен лет во ракета што чини повеќе отколку што ќе заработи една просечна жена во три животи. Феминизмот е борба за системска рамноправност – а тоа подразбира пристап, правда, можности и глас за сите жени, не само за оние кои имаат пристап до елитни мрежи, пари и медиумска моќ.
Жените треба да одат во вселената. Но тоа треба да бидат научнички, астронаутки, инженерки, истражувачки новинарки, жени кои вложиле знаење, работа и визија. Она што го видовме со летот на познатите, не е ни симбол, ни почеток на нова ера – туку продолжување на стар наратив во нов костум: исклучивост обвиткана со гламур, претставена како ослободување.
Овој феномен е дел од пошироката појава на таканаречениот „поп-феминизам“ – каде поимот за еднаквост се сведе на естетика, на симболи без содржина. Тоа се постерите со пораката girl power закачени во простории каде жените сè уште немаат збор. Тоа се настани кои повикуваат на женска солидарност, организирани од луѓе што експлоатираат женска работа. Тоа се рекламни кампањи каде жените „владеат“, но само ако носат точниот аутфит и стојат покрај правилниот маж.
Феминизмот не смее да стане бренд. Тој не е средство за поединечна промоција, туку колективен проект на општествена трансформација. И додека жените сè уште се борат за еднаква плата, телесна автономија, слобода од насилство и глас во одлучувањето – луксузниот лет на неколку милионерки не е револуција. Тоа е перформанс. Тоа е шоу за публиката, а не чекор кон вистинска еднаквост.
Вселената може да биде иднината. Но иднината не може да биде еднаква ако се гради врз старата логика на исклучување, само со нова шминка.