Во последните години, сè повеќе луксузни модни куќи влегуваат во светот на гастрономијата. Но, ова не е само уште една бизнис експанзија – тоа е внимателно кроена стратегија. Со отворање на свои ресторани, кафулиња и барови, модните брендови ја продолжуваат својата естетика во просторот каде што луѓето јадат, уживаат и се сликаат – правејќи ја модата дел од нивната секојдневна култура, а не само од гардеробата.
Овие објекти не се само места за храна – тие се продолжение на бренд-искуството, внимателно дизајнирани ентериери, менија инспирирани од модната филозофија, и Instagram-достојна атмосфера. Еве неколку брендови кои успешно ја проширија својата визија од писта до трпеза:
Ralph Lauren – Ralph’s
Локација: Париз, Лондон, Чикаго, Њујорк
Вид: Класичен американски ресторан и кафе
Ralph’s е еден од најуспешните примери за премин од мода во гастрономија. Со мени инспирирано од традиционалната американска кујна – бургер, стек, лимонада – ресторанот пренесува дел од рафинираниот, но топол стил на Ralph Lauren. Ентериерите се дизајнирани како раскошна приватна резиденција од Источниот брег, каде времето тече побавно и со повеќе вкус.
Dior – Café Dior / Monsieur Dior
Локација: Париз (30 Avenue Montaigne), Сеул, Токио
Вид: Елегантно кафе и гастро-ресторан
Во обновената Dior куќа во Париз, Monsieur Dior е ресторан со висока кујна, каде познати готвачи создаваат менија кои комбинираат француска елеганција со современа гастрономија. Café Dior, пак, во Азија нуди поповремено, но подеднакво стилизирано искуство, со десерти и пијалаци кои честопати се инспирирани од колекциите на брендот.
Gucci – Gucci Osteria da Massimo Bottura
Локација: Фиренца, Лос Анџелес, Токио, Сеул
Вид: Michelin ресторан
Gucci Osteria е ресторанска серија во соработка со познатиот готвач Масимо Ботура. Секоја локација нуди уникатно мени, но сè во духот на Gucci: еклектично, креативно и бескомпромисно стилски. Просторот е замислен како дел од Gucci Garden – концепт што ги поврзува уметноста, модата и гастрономијата во едно холистичко искуство.
Tiffany & Co. – The Blue Box Café
Локација: Њујорк, Лондон, Хонг Конг
Вид: Кафе/Brunch experience
“Појадок кај Тифани” повеќе не е само филмски наслов – Blue Box Café нуди вистинско искуство на brunch во стилот на Audrey Hepburn. Со иконичната Tiffany сина боја како доминантна естетика, ова кафе е место каде што луксузот е достапен преку чаша шампањ или мини сендвич сервисиран со сребрен прибор.
Armani – Armani/Ristorante & Emporio Armani Caffè
Локација: Милано, Дубаи, Париз
Вид: Fine dining и луксузно кафе
Giorgio Armani одамна ја шири својата естетика во светот на архитектурата, ентериерот и гастрономијата. Armani/Ristorante нуди современа италијанска кујна во минималистички, но раскошен амбиент, совршено одразувајќи го „less is more“ пристапот на брендот.
Овие модни гастро-објекти не се само маркетинг алатки – тие се нова димензија на луксузен животен стил. Во свет каде што искуството е еднакво важно како и производот, модните куќи создаваат светови во кои можеш не само да се облечеш, туку и да живееш според нивниот код.