Светот на филмот и музиката ќе се испреплетат на досега невиден начин во новата серија биографски филмови што ќе го раскажат животот и кариерата на членовите на The Beatles. Режисерот Сем Мендес, добитник на Оскар за American Beauty и автор на воената епопеја 1917, ќе потпише четири одделни филма, секој посветен на еден од членовите на култниот бенд — Пол Мекартни, Џон Ленон, Џорџ Харисон и Ринго Стар.
Актерската екипа е веќе официјално потврдена: Пол Мекартни ќе го толкува Пол Мескал (Aftersun), Џон Ленон ќе го глуми Харис Дикинсон (Triangle of Sadness), Џозеф Квин (Stranger Things) ќе влезе во улогата на Џорџ Харисон, а Бери Кеоган (Saltburn, The Banshees of Inisherin) ќе го игра Ринго Стар.
Ова е првпат семејствата и преживеаните членови на Битлс официјално да одобрат филмски проект што ги портретира нивните животи. Секој филм ќе биде раскажан од перспектива на еден член, но сите ликови ќе се вкрстуваат низ приказните, создавајќи иновативен наративен универзум што режисерот го замислува како „четири филма – една приказна“.
Најавено е дека сите четири филма ќе имаат истовремена премиера во април 2028 година, што претставува редок и амбициозен потег во филмската индустрија. Претседателот на Sony Pictures, Том Ротман, ја опиша оваа серија како „првото филмско искуство што може да се гледа како бинџ во кино сала“.
Проектот веќе предизвикува голем интерес кај фановите и критичарите, не само поради изборот на глумци и режисер, туку и поради начинот на кој е структурирана самата нарација – интимна, паралелна и втемелена на индивидуалните искуства на секој член од бендот.
Останува да се види дали ова ќе биде само уште еден омаж на Битлси или културен феномен сам за себе. Но едно е сигурно – пролетта 2028 година веќе доби историски датум на филмскиот календар.