Во скопско Дебар Маало, спроти кафулето „Кино Карпош“ вчера се отвори физичката продавница на Marcy’s Handmadе, која ќе работи од понеделник до петок, од 10:00 до 17:00 часот и сабота од 10:00 до 14:00 часот. Станува збор за еден од омилените брендови на многу девојки и жени, наменет за рачна изработка на накит, привезоци и други декоративни творби.
Оваа продавница и креативна работилница дава нова енергија на еден од најубавите делови во нашето Скопје. Позади овој мал бизнис стои девојката која добро ја познавате од големиот број на базари и поп-ап настани кои низ годините се организираа во нашиот град.
Марија Таировска го оствари својот сон. Како што и самата вели, „чувството е неверојатно, ако беше песна сигурно ќе звучеше како “I’m feeling good” на Nina Simone”. Во текот на вчерашниот ден продавницата ја посетија голем број од редовните клиенти на Marcy’s Handmade, пријатели и познаници на Марија, но и многу граѓани кои циркулираат во овој дел на градот и беа привлечени од убавата енергија и колоритност на настанот.
Продавницата е веќе опремена со рачно изработен накит од полимерна глина и епоксидна смола. Задоволството на сите е што сега и физички ќе можат да се уверат во уникатноста и впечатливоста на накитот, во текот на целата година, а не единствено на базарите или преку социјалните мрежи.
– Истовремено сум среќна, збунета, но и многу благодарна на сите мои луѓе кои дојдоа на отворањето на Marcy’s Handmade Shop, но и на многумина кои ми ја даваат поддршката изминативе години. Се надевам дека оваа мала, но за мене многу значајна продавница/креативна работилница ќе си го најде своето место во нашето Скопје… Во градот кој заслужува многу повеќе боја, енергија и живот, вели Марија Таировска, сопственичка на Marcy’s Handmade.
Независно дали имате причина да купите накит, за себе, за подарок или слично, застанете до Marcy’s Handmade, од причина што живееме во време кога мора секојдневно да ги „полниме батериите“. А, бојата, креативноста и убавата енергија се fast charger – за да се чувствуваме посреќно и подобро.