Chapter03 претставува синоним за елеганција, префинетост и безвременска убавина на италијанскиот накит. Уникатните продажни салони, водени од визијата на сопственичката Ива Милошевска, нудат накит што ги истакнува индивидуалноста и стилот на современата жена. Од блескави парчиња до персонализирани приврзоци и рачно изработени бисери, секој детаљ раскажува приказна за уметноста и традицијата на италијанското занаетчиство. Во ова интервју Ива Милошевска зборува за накитот како личен печат, за модата и индивидуалноста и за предностите на квалитетните парчиња накит.
Италијанскиот накит отсекогаш ја носел душата на занаетчиството и уметноста. Кои се клучните елементи во Chapter03 што го прават овој накит уникатен и препознатлив?
Rebecca, Rue des Mille, Rosato и Valentina Ferragni се брендови накит што имаат продефилирано на Венецијанскиот филмски фестивал, присутни се на речиси секој фестивал на Сан Ремо и Коачела години наназад, ги имаат носено Ријана, Бијонсе, Кјара и Валентина Ферањи, Амбра Анголини, Нина Бадриќ и многу други надвор од Македонија. За Македонија, не би сакала да набројувам за да не испуштам некого.
Накитот од овие брендови што ги застапуваме е соодветен дури и за најгламурозните настани, за на работа, за кафе со пријателките… На прво место, како предност кај сите овие брендови би ги издвоила беспрекорниот дизајн и квалитетот на составот. Материјалите што се користат кај сите брендови што ги застапуваме не содржат никел ниту други штетни метали, калапите во кои се леат се изработени од силикон, па нема никаков допир со пластика, сите готови парчиња накит поминуваат низ строга контрола на квалитет и она што го имате на полиците во Лондон, Милано, Рим, Мајами, Дубаи – истото го имате и во Скопје. Совршената изработка, ценовната достапност во однос на она што го нудат како парична вредност и како очекуваниот ефект на навистина убав додаток го оправдуваат секој наш напор на овој пазар.
Секое парче накит носи приказна што го освојува срцето на клиентите. Кои се најпопуларните парчиња накит во Chapter03 и што мислите дека ги прави толку посакувани?
Наш луксузен производ се персонализираните парчиња, иницијалите од брендот Rebecca достапни во многу варијации на темата. Мошне популарни се и парчињата со додатоци од сите брендови, како циркони, кристали Сваровски, рециклиран полимер (што Rebecca за првпат го употреби во индустријата за накит на светско ниво), рачно боените парчиња на VF, речните бисери – кои на некој начин ги облагородуваат парчињата накит.
Во нашето портфолио на брендови како вистински хит би ги издвоила и моно-обетките на познатата дизајнерка, блогерка и инфлуенсерка со италијанско потекло Валентина Ферањи. Динамиката на овој бренд, честите новитети и капсулните колекции во согласност со најновите модни трендови во светот прават овој бренд да биде навистина посакуван и кај македонските дами.
Дали клиентите покажуваат интерес за приказната зад изработката на италијанскиот накит и како Chapter03 ја претставува таа приказна?
Ако облеката е потреба, накитот е задоволство. Сите мораме да имаме облека на себе, но накитот е она што ја заокружува совршената слика што сакаме да ја добиеме и ни го дефинира, односно надополнува стилот. Накит се купува само во убави пригоди и навистина ми е драго кога ќе добиеме комплименти од типот дека продажните салони на Chapter03 личат на фотографија од „Пинтерест“. Многу внимаваме на деталите во просторот, услугата во салоните, професионалниот начин на комуникација со клиентите… Едноставно, ако поводот е убав, тогаш искуството при купувањето на парчето накит мора да биде уште поубаво. Како ексклузивни застапници на брендовите, мораме и да се придржуваме до максимата „100% дизајнирано и произведено во Италија“, а стратегијата на брендовите во нашиот асортиман е предност на дизајнот и квалитетот во однос на квантитетот.
Накитот е многу повеќе од детаљ, тој секогаш е дел од личната приказна. Дали рачно изработениот накит од Chapter03 е наменет за секојдневно носење, специјални пригоди или можеби за двете?
Динамиката на стилови што ја имаме во нашиот асортиман е наменета за дами кои се храбри во експериментирањето и секогаш подготвени за модни погодоци со став. Парчињата накит генерално се наменети за секојдневни и трендовски модни комбинации, но има и гламурозни примероци соодветни за високата мода. Лично познавам дами кои се исклучително пребирливи и знаат точно што сакаат, па со задоволство можам да кажам дека нашиот накит ги задоволува и најпрефинетите вкусови. Неодамна бев на еден убав настан во Скопје и забележав неколку дами кои носеа впечатлив накит од нашите брендови со наједноставен црн фустан. Таков блескав или уау-ефект може да се постигне само со совршено дизајнирано парче. Притоа, истото парче накит и да се комбинира со најобична еднобојна маичка или прешироки џемпер и фармерки исто така ќе придонесе за надополнување на стилот. Она „ќе го чувам за посебни пригоди“ чинам дека веќе не постои.
Што значи накитот за вас лично и како тоа влијае на изборот на парчињата што се дел од Chapter03?
Кога првпат отидов да живеам сама надвор од Македонија, како 17-годишна тинејџерка во Љубљана, често ми се случуваше да го заборавам (читај: изгубам) клучот од изнајмениот стан во кој живеев. Тогаш, пред 11 години, мајка ми првпат ми купи подарок од „Rebecca“: ѓерданче со приврзок во форма на клуч. Сугестивно или не, престанав да ги губам клучевите. Оттогаш, за секој значаен момент во мојот живот решив да си купувам „убав спомен“. Многу ме радува и сум била сведок на многу пригоди кога парчињата накит од нашите брендови биле дел од најубавите моменти во животот кај многу наши клиенти. Сме имале запросување со прстен „Rebecca“, подарок (ѓерданче со приврзок кочија) за новороденче, објавување на пол на бебе со приврзок цвет во боја или бебешка чевличка, честитање на јубилеен роденден или пензионирање со персонализиран подарок… Летово, еден господин кој живее и работи надвор од Македонија, дојде во еден наш салон и рече дека секоја година, откако првпат сме отвориле, купува иста алка, зашто верува дека му носи среќа. За жал, алката веќе не беше во производниот асортиман, но успеавме со компанијата од Италија да обезбедиме ново парче. Убаво е чувството кога си дел од убавата приказна на луѓето и чинам дека тоа ми дава мотив секое утро да тргнам на работа со убава мисла и покрај сите предизвици со кои се соочуваме во денешно време. Rebecca или Chapter03 е една убава приказна што мене лично ми се случи со оптимистички повод пред повеќе од шест години и искрено посакувам уште долго да се раскажува во Македонија.