„Ателје Проектинг“ ни претстави неколку концепти и дизајни за уредување на домот кои во себе носат филозофија и на животниот стил.
Како архитекти и дизајнери редовно ги следиме новитетите и трендовите во светот, и постојано сме во потрага по нешто ново што ќе го промени домот, животниот стил и ќе ни ги прошири хоризонтите. Секој нов дизајн или концепт, во својата суштина има филозофија која може да ни го збогати животот. Ви презентираме неколку концепти и стилови кои се актуелни во уредувањето и се надеваме дека кај вас ќе предизвикаат позитивна промена.
Hygge (се изговара hue-guh) е дански збор што означува пријатно чуство предизвикано од „топла“ атмосфера во домот и уживање во убавите работи во животот со саканите луѓе. Хиге е времето поминато дома во амбиент со запалени свеќи, топол напиток и запален камин. Во дневната соба ставете перници и прекривки во меки и плетени ткаенини кои изгледаат удобно и топло. Поставете теписон со богата текстура и неутрална нијанса кој освен визуелно и тактилно ќе внесе топлина во просторот. Ако имате камин користете го во студените месеци. Мирисот на топло чоколадо, чај, колачиња што се печат преку сетилото за мирис ќе го надополнат хиге- искуството.
Lagom (се изговара lah-gum) е шведски збор што во превод значи „ни премалку, ни премногу- доволно“. Филозофијата позади овој збор е да се ужива во балансот во секој аспект на животот, се применува во работата, семејството, слободното време, храната, уредувањето на домот. Во суштина претставува едноставност и минимализам, одбирање скромност наспроти изобилство. Од аспект на уредување на ентериери и дом се применува со елиминирање на непотребните елементи и фокус на функционални парчиња со минималистички излед. Уредување на убав и удобен простор кој истовремено има и „одржлив“ дизајн.
Friluftsliv (се изговара free-loves-liv) е норвешки концепт за поминување на времето надвор. Претставува начин на живот, поминување време во природа, прошетки, планинарење, спортување надвор без разлика на годишното време. „Фрилавслив“ искусете и во Вашиот двор, поминете едно попладне во „хамок“ или во летните месеци кампувајте во дворот.
Japandi е нов стил кој ги освои дизајнерите на ентериери и кој ги комбинира јапонскиот минимализам и скандинавската едноставност. Совршен спој на функција и форма, чисти линии, светол простор и светли бои. Естетиката се фокусира на едноставност, природни елементи и комфор. Џапанди може да се постигне со користење на натур дрво, пастелни неутрални бои, акценти со светло зелена боја и внесување на зеленило во домот за да се постигне „outdoor“ амбиент.
Wabi Sabi е античка филозофија за естетика која има корени во Зен будизмот, таа се фокусира на пронаоѓање убавина во несовршеноста на природата. Нејзината суштина е дека материјлните предмети се несовршени, непостојани и нецелосни. „Ваби саби“ карактеристична за церемонијата на чајот во Јапонија е ритуал на искреност и едноставност, во кој садовите се рачно изработени со неправилности, нееднаква глазура и пукнатини. Во уредувањето и домот оваа филозофија внесува удобно прифаќање на несовршените форми и материјали, искористениот мебел, трагите што времето ги остава на мебелот и предметите. Оваа филозофија е дијаметрална спротивност на денешницата во која живееме, кога физичката и духовната „совршеност“ се највисок критериум.
Biophilic design е револуционерен дизајн тренд кој се фокусира на внесување на природата во ентериерите, со цел добросостојба на корисниците – луѓето. Сите ние имаме генетичка поврзаност со природата изградена низ стотици илјадници години, со денешното урбано живеење во градовите се оддалечуваме од неа. Со вклопување на елементи од природата во ентериерот е докажано дека се намалува стресот, крвниот притисок и пулсот, а при тоа се зголемува продуктивноста, креативноста и добросостојбата.
„Бајофилик“ дизајнот може да се примени во домот со употреба на природни материјали, текстури, шари, бои и форми кои се карактеристични за природата, органски форми, со заоблени агли, кои асоцираат на камења, листови и сл. И со поставување фотографии или тапети со илустрација на природа и одгледување растенија и билки во ентериерот. Исто така добро природно и вештачко осветлување на просторот и овозможување добар квалитет на воздухот.
Sustainable design или во превод одржлив дизајн опфаќа мноу аспекти и мултидисциплинарен пристап во архитектурата, дизајнот и дизајнот на ентериери. Се фокусира на заштеда на природните ресурси, заштеда на вода и електрична енергија, енеретска ефикасност, економчност и грижа за добросостојбата на луѓето. Целта е да се спречи деградирање на еко-системот кое се случува како резултат на штетните супстанции кои се испуштаат во атмосферата и водата, зголемениот обем на отпад, поради интензивниот пораст на населението и низа процеси кои се случуваат како резултата на индустријата и градежништвото. Во домот може да се примени одржлив дизајн со употреба на штедливи светилки и апарати за домаќинство, чешми и санитарии за заштеда на вода, користење материјали од природно потекло, кои содржат помалку токсини и хемикалии. Мебелот да се реупотреби, пренамени или да се рециклира, а доколку се купува нов да биде од локални производители и од биоразградлив материјал.
Smart home или во превод паметни домови се куќи или станови во кои има инсталирано системи кои нудат решенија кои овозможуваат комплетно безжично управување на апарати и уреди во домот со што се обезбедува заштеда на енергија, безбедност и контрола. Во секој момент нудат пристап од далечина на греењето и ладењето, осветлувањето, системот за безбедност, апаратите, ролетните и завесите и управување со енергијата. Може да се применат во секој дом со вградување на потребната инсталација и да го поедностават секојдневието.