Инспирирани од последната екстремно драматична трка и победа на актуелниот Формула 1 шампион, Max Verstappen на Големата награда на Бразил, решивме да ги пролистаме ТОП 5 трките во кариерата на трократниот Ф1 шампион.
Изминатиов викенд, во доминатен и крајно неизвесен стил, Max Verstappеn дојде до својата осма победа сезонава, победа која дефинитивно ќе остане врежана во мемориите на сите Формула 1 фанови.
Зошто? Покрај тоа што трката ја стартуваше од 17-та позиција, Max Verstappen во 10 од последните 11 круга на трката во Бразил, имаше најбрзо време и стана првиот човек кој успеал да дојде до победа стартувајќи од 10 различни позиции. Ова беше само 5та од вкупно 1.121 Гранд При трки на која победил возач кој истата ја стартувал од минимум 17-та позиција и најголема разлика помеѓу прво и второпласираниот возач во Бразил во последниве 24 години.
Дефинитивно победата на Max Verstappen во Бразил е импресивна и тешка за заборавање, но ајде да видиме кои се ТОП 5 трките кои оставија траен печат во животот и кариерата на Super Max.
2016 Гранд При Шпанија
Започнуваме со трката која го одбележа почетокот на ликот и делото на Verstappen во Формула 1 светот, трката на која 18 годишниот Max стана најмладиот Ф1 возач кој успеал да победи на официјална трка.
Max ја започна трката од високото 4то место, а борбата за првото место се водеше до самиот крај, кога тинејџерот и Ф1 дебитант Max успеа да одолее на нападите на супер-искусните возачи и тоа четирикратниот шампион Vettel во болидот на Ferrari и легендарниот Ricciardo во болидот на Red Bull, кои играа на картата три пит-стоп влегувања, а дебитантот Max само два пати влезе во пит-стоп и дојде до неговата прва и можеби најзначајна победа во неговата кариера.
2019 Гранд При Бразил
Продолжуваме со Гранд При Бразил 2019 година, првата од двете драматични трки на овој легендарен автодром. Во 2019 година, Verstappen ја почна трката во Бразил од пол позицијата, но сепак работите не се одвиваа баш така лесно и едноставно.
Hamilton на повеќе наврати се обиде да ја превземе пол позицијата на Max, Robert Kubica ненамерно го блокираше Verstappen при излез од пит-стопот и на 16 круга до крај, поради проблеми со моторот на Bottas, на патеката излезе безбедносното возило што резултираше со пад на Max на втората позиција, но на крајот летечкиот холанѓанец успеа да го помине Hamilton (кој патем на крај заработи казна поради инцидент со Alex Albon) и да се качи на првото место на подиумот.
2019 Гранд При Австрија
Една од најспектакуларните трки на Verstappen. Поради проблеми со моторот, Max Verstappen имаше ужасен старт, каде од високата втора позиција падна на осмото место после првиот круг.
Но, во продолжеток на трката, работите се променија од корен. Прво, Max успеа во првите неколку круга да се приклучи во борбата за првото место, а потоа го активираше План Б – добивање предност со добитна тактика за пневматици. До крајот на трката, Super Max успеа да ги помине брилијантните возачи Vettel, Valtteri Bottas и го издоминира лидерот Leclerc со “нежно” допирање на пневматиците и гурање на Charles надвор од патеката. Публиката беше во транс и неверување после оваа епска Ф1 трка.
2021 Гранд При Франција
Max ја стартуваше трката во Франција од пол позиција, клучен момент во 2021 година кој ќе ја одбележи борбата за титулата помеѓу Verstappen и Hamilton.
Целата трка беше турбулентна почнувајќи од грешката на Max на второто вртење во првиот круг и губење на водството, потоа следуваше превземање на лидерската позиција во 18 круг со феноменалната пит-стоп тактика, па повторно губење на водството во 32 круг со влегување во пит-стоп, за да во 44 круг, после грешката на Bottas, да дојде до втората позиција која ќе ја држи до последниот круг. Во последниот круг, Hamilton без голем отпор му ја “отстапи” пол позицијата на Max, што најверојатно ќе биде клучен потег во најтесната борба за Ф1 титулата во последнава декада.
2022 Гранд При Белгија
Стартувајќи ја трката од 14-то место, Max Verstappen на патеката Spa-Francorchamps ги доживеа сите можни ситуации кои може да се случат на една Ф1 патека.
До круг бр. 8 Verstappen веќе беше во топ 4, највеќе поради проблемите на Hamilton и Leclerc. Веќе до 12 круг, Max ја презема лидерската позиција со претекнување на тимскиот колега Perez, но поради влегување во пит-стоп, мораше да се задоволи со втората позиција. Но, во 18 круг, Super Max го поминува шпанецот Sainz, и од тој момент до крај на трката, Verstappen беше невидлив за конкуренцијата.
Искрено, тешко e да се издвојат само 5 трки во кои Max Verstappen демонстрираше надчовечки возачки вештини, брилијантна егзекуција на тимската тактика и неверојатни потези и маневри. Но, сезоната сѐ уште не е готова, што остава уште простор и време летечкиот холанѓанец да ни приреди уште едно незаборавно Формула 1 шоу.