Онлајн платформите за учење се одлична можност доколку сакате да се надоградите во одредена област, да развиете некоја вештина или да научите нешто ново. Постојат голем број на платформи што нудат бесплатни курсеви или курсеви за малку пари, а предноста е во тоа што може да учите кога сакате и од каде сакате и притоа да заштедите. Издвојуваме 5 сајтови на кои може да најдете курсеви кои ќе ви помогнат во кариерата или секојдневниот живот.
1.Udemy е дефинитивно најпознатиот сајт за онлајн учење со над 210 000 курсеви и 64+ милиони курсисти. Одлично место за развивање и учење нови вештини. Освен за надоградување во кариерата на Udemy може да најдете курсеви поврзани со вашето хоби, секојдневниот живот, здравјето или можеби да научите нешто сосема ново. Достапни се курсеви од графички дизајн, web development, дигитален маркетинг, фотографија, сметководство до разни видови на цртање и сликање, јога, гитара, инфлуенсерство, менаџирање на стрес итн. Цените на курсевите почнуваат од 20, па се до 200 евра, во зависност од степенот и времетраењето.
2.Skillshare сајт многу сличен на Udemy, овозможува секој да може да понуди свој курс на неговата платформа и има илјадници курсеви за избор. Разликата е во тоа што Skillshare повеќе се фокусира на креативните индустрии и потребна е претплата, но можете да ја искористите можноста за еден месец бесплатно користење и да видите дали е вистинската платформа за учење за вас.
3. Coursera е уште еден сајт со голем број можности за учење и надоградување на кој можете да добиете и акредитирани сертификати од врвни светски универзитети и институции. Доколку не ви е потребен сертификат, голем број курсеви се достапни и бесплатно. Coursera нуди курсеви за криптографија, пишување, филозофија, јазици, хемија, компјутерски науки, финансиски маркетинг итн.
4. MasterClass уште една платформа што покрива широк спектар на теми, но за разлика од, на пример, Udemy, на курсевите предаваат само професионалци, односно луѓе со високи достигнувања во нивното поле. Постојат различни опции за претплата и големи поволности доколку ја споделувате со семејството или пријателите. Достапни се повеќе од 190 курсеви преку кои може да влезете во кујната на Гордон Ремзи, зад сцената со Џејмс Камерон, да пишувате трилери со Ден Браун, да готографирате со Ени Либовиц, да пишувате песни и да продуцирате со Алиша Кис итн.
5. LinkedIn Learning платформа со над 27 милиони корисници, нуди повеќе од 16 000 курсеви во повеќе од 30 категории кои можат да ви помогнат за развивање на вашите професионални и креативни вештини. Постојат две опции за претплата: месечна од 39.99 долари или годишна од 19.99 долари (се наплаќа годишно). Исто така има можност за купување на поединечни курсеви.