Европската Унија во соработка со Советот на Европа, како дел од проектот „Унапредување на различноста и еднаквоста во Северна Македонија“, денеска организираше онлајн дебата по повод 17 мај – Меѓународен ден против хомофобијата, трансфобијата и бифобијата на која се дискутираше за состојбата на ЛГБТ заедницата во државата и со какви проблеми се соочуваат тие.
На онлајн дебатата присуствуваа шефот на Делегацијата на Европската Унија, амбасадорот Дејвид Гир, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, пратеничката Маја Морачанин, членка на Интерпарламентарната група за поддршка и права на ЛГБТ заедницата, Наташа Бошкова, адвокатка и правна советничка во Коалицијата Маргини, Давид Тасевски од Субверзивен фронт и Игор Јадровски од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
Амбасадорот Гир ја отвори дебатата и посочи дека државата ќе ја добие потребната поддршка од ЕУ во борба против трансфобијата.
„Кога се работи за сферата на човековите права, кога се работи за законски решенија што ги адресираат прашањата на сите граѓани во општеството ние сме на добар пат да го постигнеме тој општествен консензус, власта и опозицијата заедно“, истакна министерката Шахпаска во однос на Законот за спречување и заштита од дискриминација.
Таа го посочи и Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, што исто така ја вклучува заштитата на ЛГБТ заедницата согласно член 5 што се спроведува без разлика на раса, боја на кожа, потекло, пол, род, сексуална идентификација.
„Напредокот за 12 позиции на нашата држава на „Реинбоу мапата“ што ја дава сликата за тоа како изгледа Европа, во поглед на состојбата со човековите права на ЛГБТ и лицата. Тоа за нас како држава и Влада е уште едно големо признание дека сериозно работиме на заштита, поддршка, но и унапредување на правата на ЛГБТ и лицата“, додаде министерката за труд и социјална политика.
Во однос на правните регулативи и правно признавање на родот говореше Наташа Бошкова, која ја истакна потребата од брзо донесување и изгласување на Законот за измена и дополнување на Законот за матична евиденција, со кои како што посочи таа, ќе се воспостави постапка за правно признавање на родот во брзи, транспарентни и пристапни критериуми.
„Донесувањето на овој Закон ќе означува препознавање на транс луѓето во Законите и признавање на нивните права во државата од страна на институциите, на еднаква основа со останатите граѓани“, додаде таа.
Пратеничката Маја Морачанин, како координатор на Интерпарламентарната група за поддршка и права на ЛГБТ заедницата истакна дека заедничките дебати и состаноци придонесуваат кон поефикасно делување во однос на имплементација на Законите.
„Од аспект на Собранието, по донесување на овој закон и по функционирање на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, се следи имплементацијата на Законот. Дел од чинителите укажаа дека може да следат некои законски измени, бидејќи некои делови не се формулирани, но тоа е вистинскиот начин на кој треба да работиме и доколку има потреба од измени, тоа е работа на Собранието“, истакна Морачанин.
На 17 мај од 1990 година кога Светската здравствена организација објави дека хомосексуалноста не е болест, пореметување или перверзија па сè до денес, ширум светот се одбележува Меѓународниот ден против хомофобија и трансфобија со цел да се подигне свеста кај граѓаните ширум светот дека и лицата дел од ЛГБТ заедницата треба да бидат заштитени и да имаат права.