Харис Муриќ, кој ни беше инспирација за графички дизајнер неделава, вели дека „трендовите се кул, но личниот израз е секогаш во мода“ кога се работи за оставање свој печат во дизајните. Неговото долгогодишно искуство во дизајнот, автентичноста и посветеноста се изразуваат со особеност и впечатливост на прв поглед што е многу важно кога се работи за една ваква визуелна и креативна уметност.
Moите почетоци како дизајнер изгледаа…
Доста скромно… Во средно се занимавав со фотографија, која ми беше прв контакт со визуелна уметност, но влезот во светот на дизајнот ми беше поинаков од рутата на фотографијата. Јас сум мојот прв клиент, поради тоа што хоби ми е музичка продукција, па првото нешто што го дизајнирав беше омотот на мојот прв инструментален mixtape. Повеќето од моите први дизајни беа омоти за единечните или компилациски изданија на музика кои ги објавував.
За еден дигитател уметник да твори е најважно…
Да го пече занаетот непрестано, бидејќи тоа е движечката сила во применетата уметност, барем во денешницата, кога трендовите се менуваат дури и на дневна база. Важно е да ги исфилтрираме работите кои ни оставаат впечаток, и комуницираат најдобро со окото на јавноста, покрај тоа, да додадеме наш потпис на крајниот резултат. Тоа најдобро го постигнуваме преку честа и (не секогаш) макотрпна работа, со љубов и посветеност.
Инспирација и мотиви за дизајните наоѓам во…
Музиката и носталгијата се емотивниот двигател позади многу од моите дизајни, но сѐ повеќе ми годи секојдневното безредие и нелинеарна рутина, што во професионалната, толку и во персоналната сфера. Романтизирањето на такви моменти на некој начин им дава значење и на тие невидливи моменти кои ги проживуваме. Секако, Behance и листањето низ портфолија на разно разни дизајн студија и агенции.
За еден дизајн да го привлече вниманието и да ја оствари целта најважно е…
Да биде впечатлив од прв поглед, било тоа со даден елемент, збор, икона, комплициран lay-out, или пак провокативна фотографија. Пренесувањето на информација е исто така важно колку и самата информација.
Типографијата во дизајните и постерите може да придонесе…
Многу и малку. Иако јас сум type freak, не секогаш е добро типографијата да е доминантен елемент во еден дизајн, истото важи и за сите елементи на комуникација во дизајнот. Типографијата некогаш знае да го промени значењето на еден збор, неговата конотација, а некогаш знае да биде еден број или буква, која ќе не вовлече во вортексот креативата, во кој ќе се запознаеме со подлабокото значење на истата таа буква.
Креативната слобода е важна за дизајнерите бидејќи…
Ние сме идеја, исто колку што сме и применители на идејата. Ако знаеме да ја пренесеме нашата идеја, слободата е неопходна да го направиме истото.
За еден графички дизајнер да го постигне својот личен израз е потребно…
Да го вежба својот ракопис, но не секогаш да пишува исти реченици, а ниту да препишува.
Трендовите се кул, но личниот израз е секогаш во мода.
Моите дизајни би ги опишал како…
Несврзани едни со други, денес можеби размислувам со три бои, утре со една, итн.
Тоа креира една возбуда кога се навраќам на делата што сум ги направил, и една од работите кои ме прават горд е таа разлика во изглед меѓу омот за албум, постер или пак бренд идентитет, и ми дава до знаење дека не сум се повторил.
Дизајн што досега ми бил најголем предизвик…
Секојдневно доживувам климактични предизвици во дизајнот, па не би можел да издвојам конкретен дизајн, туку еден личен предизвик кој си го дадов во летото 2018, кога се нафатив на предизвикот 100 дена – 100 постери, каде што покрај истрајноста и дисциплината, научив основни работи во 3D програми, и значајно ја подобрив брзината на решавање проблеми во дизајн.
Во слободно време сакам…
Да правам музика. Голем љубител сум на историјата. Но сепак, најдраги ми се моментите кои ги поминувам во afternoon meltdowns со мојата сопруга.
Дизајнери кои ги следам и се инспирирам се…
Кога би морал да издвојам: Nemanja Jehlicka, Aaron Draplin, Storm Thorgerson, Francis Wolff, Stole Stojmenov, Thisset, Vasjen Katro, Herb Lubalin, Mirko Ilic, Slavimir Stojanovic, Kostadin Tancev – Dinka, Massimo Vignelli и мојот долгогодишен колега, Адријан Зајков – Adireflex.