„Зрно-фестивалот“ на алтернативна фотографија, кој своето прво издание го имаше минатата година, за една година прави голем исчекор во квалитетот и квантитетот на содржините кои ги нуди. Избрани се околу 120 дела на отворениот повик и ќе бидат изложени во Мултимедијалниот Центар – Мала Станица, во Скопје, на 16 јуни 2023 година, во 20.00 часот.
„Како единствен фестивал во регионов и меѓу ретките во светот кој ги негува благородните фотографски техники и има висок естетски стандард, „Зрно“, на отворениот повик за дела привлече алтернативни фотографии од околу триесет земји од светот, од сите континенти. Селекцијата ја правеше осумчлено меѓународно жири и тоа:
– Ивана Томановиќ, од Академијата за уметност од Нови Сад
– Наталиа Копкина, од Финскиот „даркрум“ институт
– Емил Киндлајн, од Аналогманиа-Темишвар/Виена
– Дино Рекановиќ, Ротлихт фестивал-Виена
– Стиг Марлон Вестон, алтернативен фотограф од Осло
– Сашо Алушевски, претставник од Зрно фестивалот,
– Бруна Валенца, Сао Паоло
– Емилија Сандиќ, Академија за уметност, Нови Сад
Бруна Валенца и Емилија Сандиќ се млади авторки за кои веруваме дека допрва ќе се слушне, а тоа е дел од пристапот на „Зрно“, да промовира млади автори/ки. Од друга страна, тие и го даваат специфичниот естетски поглед на помладите генерации, клучен, а често занемарен во вакви процеси. Ова е единствена можност кај нас да се видат неверојатно храбри, експериментални и естетски издржани дела од најразлични фотографски техники, од едноставни цијанотипии до оригинални колодиумски стакла од огромен формат и многу различни експерименти измеѓу. Низ целата селекција провејува еден модерен, ведар и луциден дух на современата светска фотографија, ослободена од вештачки наметнатите стеги на медиумот, од минатиот век“, велат организаторите на фестивалот.
На програмата на „Зрно“ ќе имаат изложба и двајца неверојатно специфични автори. Едниот е Жозеф Мариа Рибас Прус – најнаградуваниот шпански ФИАП фотограф.
„Сериозно име во светот на фотографијата, со неверојатна вештина од темната комора. Наспроти него, „Зрно“ го изложува Дамиан Диаконеску фотограф од Темишвар, алхемичар, мајстор на бројни аналогни, алтернативни процеси со невидена естетика. Крајно непознат за јавноста вон Темишвар и крајно вреден за светска слава. „Зрно“ верува дека промовира и нови ѕвезди на современото фотографско небо“, велат од фестивалот.
Дијалогот на многу нивоа на овие два автори, ќе можете да го проследите во КИЦ, на 20 јуни, во 20.30 часот. Делата од отворениот повик потоа се селат во Битола, во Офицерскиот дом, на 8 јули а работилниците за седум алтернативни фотографски процеси ќе одржуваат во село Цапари, во просториите на уметничката колонија Де Ниро, од 10 до 16 јули.
„Пријавените учесници на работилниците се една прекрасна шарена комбинација од најразлични вљубеници во фотографијата ширум Европа и една учесничка од САД“, потенцираат организаторите.
На 14 јули, во Кино Манаки во Битола, на отворениот ден на фестивалот, во 20.00 часот, професорот Роберт Јанкулоски ќе одржи претставување на делото на браќата Манаки, изложба на нивни фотографии а потоа ќе биде прикажан и филм за нивнниот живот и дело. Програмата на „Зрно 2023“ ќе заврши со изложување на дел од делата кои ќе настанат на работилниците.