На 6 април, пред 10 години беше изведена првата претстава на Скопје танцовиот театар, „Меѓусвет“, во кореографија на Рисима Рисимкин, со која официјално започна со работа првата официјална современа танцова компанија кај нас. Во чест на одбележување на датумот, во петок, 9 април, во 20 часот Скопје танцовиот театар ќе овозможи љубителите на танцот и следбениците на „Танц Фест“ да ја видат последната продукција „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“ бесплатно онлајн на овој линк.
Во својето 10 годишно постоење, Скопје танцовиот театар успеа да оформи извонреден танчарски кадар, во соработка со Скопје танцовата академија, а од 2017 година во соработка и со Универзитетот „Гоце Делчев“, каде што оваа програма за едукација на современи танчери се префрли на високо професионално ниво и обучува нови кадри во моментов. Компанијата во континуитет, во изминатите 10 години активно работи на создавање, промоција и презентација на современата танцова уметност кај нас, како и нејзин пласман на светската танцова сцена. Работата на овој театар промовира нова естетика кај нас и се занимава со истражување и продукција во областа на современиот танц. Скопје танцовиот театар, има остварено повеќе целовечерни продукции зад себе, како: „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“; „Идентитети“; „Дома“, „Луцидниот Јос“, „Меѓусвет“; „Орландо“; „Човек во ходникот“; „ХОТ“; „Потрага“, серијата претстави под име „ИМПУЛС“, потоа „О!(тело),“ „СМС (сите мои слики)“, „Блесок“… Во неговиот репертоар, покрај делата на Рисима Рисимкин, се изведуваат дела на кореографите: Џенис Бренар и Шон Скантелбјури од Њујорк, САД; Џоан ван Дер Маст, Нил Вердрун и Тим Персент од Холандија; Катцура Кан од Јапонија; Антон Рудаков од Германија и други.
Во однос на искуството на сцена овие 10 години Рисима Рисимкин вели дека Скопје танцовиот театар е дел од нејзината дамнешна визија за создавање на нешто ново, а во чекор со светот.
„Голем предизвик е да се основа компанија и таа да се води со успех, пред сè бидејќи кај нас и не постоеше, а ниту сега не постои, друга современа танцова компанија, која работи во континуитет. Кога започнав да работам во областа на современиот танц, официјално пред околу 30 години, се соочуваав со препреки и неразбирање од страна на фелата. Имаше отпор кон новото, непознатото. Јас не застанав, за мене тоа беше најинтересниот дел, да се создаде нешто поинакво и да се истражува непознатото. Во 2011 година, со првата претстава на Скопје танцовиот театар, насловена „Меѓусвет“, која се одржа на 6 април, мислам дека започнавме да испишуваме нова страница во историјата на современиот танц. Искуството ни покажува, дека кога имате талент и уметничка визија, неопходна е упорност, правилна стратегија и успехот нема да изостане. Јас сум горда што, низ нашите програми поминаа голем број на нови, млади танчери, кои својот животен пат го формираа според тие искуства, а секако и на појавата на млади кореографи, кои секогаш имаат голема поддршка од мене, бидјеќи сметам дека се есенцијален дел за понатамошниот развој. Многу работа, посветеност и упорност… и работа…. и работа. Тоа е формула за успехот“, вели Рисимкин.
Таа додава дека публиката го сака современиот танц, тоа е веќе извесно, а младите се пронаоѓаат себеси во таа сфера им се допаѓаат нови изрази и современи теми, кои се бават и со нивните актуелни проблеми.
„За генерален развој, мислам дека „Интерарт“ во изминативе 25 години направи извонредни достигнувања во создавањето на неопходната инфраструктура за современ танц. Имаме одлична едукативна, универзитетска програма на Универзитетот „Гоце Делчев“, која продуцира квалитетни современи танчери, имаме фестивал посветен на совремниот танц и современа танцова компанија. Потребно е и државата и луѓето кои ги водат културните политики, да ја сфатат потребата од современата култура и колку е таа значајна за развојот на младите, да не е поддршката само декларативна, туку суштествена. Современиот танц, како уметност нè става рамо до рамо со светот, тоа не смее да се заборави и превиди. Современото творење денес, утре ќе биде традиција, во секојдневниот живот треба вистинска поддршка за малдите, ако сакаме во целост да успееме како држава. Иднината, секако, останува повторно на поединци, нивната уметничка визија и квалитет. Само вистинскиот квалитет дава разултати и тој, воедно е неуништив. Не се плашиме од иднината. Ја очекуваме со нетрпение :-)“, вели Рисимкин.
Компанијата овозможува развој на млади уметници, па така на сцената на Скопје танцовиот театар свое деби имаа повеќе млади кореографи, меѓу кои: Адријана Данчевска, Дејан Битровски, Матеа Киселичка, Дора Кокољ, Валентино Апостоловски, Александра Петрушевска, Андријана Андреева и други.
Скопје танцовиот театар има остварено повеќе гостувања, низ Македонија, како и во странство. Скопје танцовиот театар во 2018 година, со претставата „Кожа“ гостуваше на најзначајниот фестивал за танц во Европа – „Holland Dance Festival“, а во август истата година, го затвори 37-то издание на фестивалот „Battery Dance Festival“ во Њујорк, САД. Во октомври 2018 година Скопје танцовиот театар настапи на Интернационалниот фестивал за танц на Пекингшката академија за танц со проектот „Егзистирање“. Во 2020 Скопје танцовиот театар имаше настап на „Соло танцовиот фестивал“ во Анкара, Турција, со дел од претставата „Идентитети-Историја на еден растегнат сон“ на Рисима Рисимкин.
Во 2021 година Скопје танцовиот театар, како круна на своето десетгодишно постоење, има покана да гостува во Националниот театар Шајо во Париз, Франција, еден од најдобрите и најпрестижните светски театри за современ танц.