Во пресрет на овогодинешното издание на Youth Fest, разговаравме со Тара Џеладин – член на Младинскиот совет на Амбасадата на САД, за новитетите во програмата, предизвиците во организацијата и визијата за иднината на фестивалот. Youth Fest 2025 носи нова енергија, свеж организациски тим и тема посветена на кариерниот развој на младите. Во продолжение Тара открива што ја прави оваа година посебна, кои пораки сакаат да им ги пренесат на младите и зошто фестивалот претставува вистинска платформа за инспирација и поврзување.
Што е ново оваа година во програмата на Youth Fest 2025 и што мислите дека најмногу ќе ја израдува публиката?
Оваа година Youth Fest во организација на Младинскиот совет на Амбасадата на САД има нов карактер, нов организациски тим и нова тема – младите и кариерниот развој. Најголемата новина е панел-дискусијата каде што за различни професии одбравме по еден успешен млад човек кој ќе ја сподели својата приказна и искуство. Верувам дека токму ова ќе биде делот што најмногу ќе ја израдува публиката – можноста младите директно да комуницираат со овие професионалци, да поставуваат прашања и да добијат искрени одговори од луѓе кои веќе го живеат нивниот професионален сон.
Имаме претставници (панелисти) од областа на музиката, танцот, бизнисот, фотографијата, дипломатија и меѓународни односи. Ова е одлична можност за млади кои сакаат да знаат повеќе за овие професии. Очекуваме една продуктивна, инспиративна и пријателска дискусија.
Како ги биравте учесниците и изведувачите – постои ли некоја посебна селекција или критериум според кој одлучувавте?
При изборот на учесници за панелот, се трудевме да опфатиме колку што е можно повеќе професии кои младите ги посакуваат, од музика, танц и бизнис до дипломатија и меѓународни односи.
Во делот на музичката програма, пак, главен критериум беше да се направи комбинација меѓу истакнати и надежни уметници, се со цел да им се даде простор на младите изведувачи да застанат на иста сцена со поискусни артисти, затоа што тоа е посебна можност за учење и поврзување.
Кои се темите или пораките што сакате младите да ги понесат со себе по завршувањето на фестивалот?
Најважната порака за младите е дека љубопитноста и комуникацијата се најсилните алатки што можат да ги носат со себе на овој пат. Ако младите кои ќе дојдат на Youth Fest си заминат со поттик да го направат првиот чекор или инспирација да го продолжат нивниот пат без разлика на предизвиците, тогаш фестивалот ја постигнал целта.
Првиот чекор кон остварување на сонот станува полесен кога ќе слушнеш автентична приказна, искрен совет или дури и едно „и јас бев таму каде што си ти“ од некој што веќе го изодел тој пат. Ние во Младинскиот совет на Амбасадата на САД сакаме младите да добијат храброст и инспирација, но и верба дека има заедница што верува во нив, дека нивната љубопитност е моторот што може да ги однесе каде било, и дека токму тие имаат право и моќ да создаваат нови светови.
Кои се најголемите предизвици во организирањето на еден ваков младински фестивал и што досега научивте од претходните изданија?
Најголем предизвик секогаш е да се обедини тим од млади луѓе со различни идеи, темпо и енергија, и сите тие визии да се претворат во една целосна слика. Но покрај тоа, постојат и реални практични предизвици – финансиите, логистиката, координацијата со институции и партнери, па дури и едноставни нешта како навремена комуникација или решавање на проблеми во последен момент.
Секогаш ќе има непредвидливи ситуации – дали тоа е изведувач што откажал во последен час, технички проблем или доцнење со дозволи – но ако проектот е направен со љубов и ако зад него стои добар тим, каков што е тимот на Youth Fest, сите тие препреки можат да се надминат. Најважни се ентузијазмот и вербата во идејата, затоа што луѓето го препознаваат тоа и се вклучуваат со иста енергија. На крајот, најголемата магија се случува кога публиката се поврзува со настанот – тоа чувство е најголемата награда и потврда дека целиот труд вредел.
Youth Fest е фестивал за млади, но истовремено е и платформа за таленти – можете ли да ни откриете неколку имиња кои според вас ќе блеснат оваа година?
Верувам дека секој што е дел од Youth Fest – без разлика дали настапува, учествува на панел или е дел од организацијата – има можност да блесне или да ја раскаже својата приказна. Тоа и е целта на фестивалот: да има размена на убави приказни.
Сепак, јавноста оваа година е особено возбудена за настапите на Fiction и KEM, два од најомилените бендови на локалната музичка сцена. Исто така, ќе имаме чест да го видиме Анди Исмаили, извонреден млад танчер од Гостивар кој има само 17 години, а веќе зад себе носи повеќе титули во светот на танцот.
Лично, јас сум многу возбудена и за учеството на Жарко Чулик во панел-дискусијата – едвај чекам да ја слушнам неговата инспиративна приказна, како ги заменил архитектонските проекти со објективи за фотоапарат, и за неговата успешна работа во PORTRET.
Како гледате на иднината на Youth Fest – дали има амбиција да стане регионален или можеби да се прошири со нови формати?
Сигурна сум дека ова е само почеток! За секој фестивал клучен чекор е моментот кога интересот почнува да доаѓа и однадвор, од соседните земји. Оваа година имавме интерес за одредени активности – изложбата и саемот за младински иницијативи – токму од учесници од надвор од државата и се надеваме дека веќе во следното издание ќе го прошириме тој дел, можеби и со музички настапи.
Верувам дека растот на фестивалот е неминовен: повеќе луѓе, повеќе активности, можеби и повеќе денови. Но суштината ќе остане иста – и тоа е целта на Младинскиот совет со Youth Fest: градење мостови меѓу различни заедници и споделување значајни приказни од кои младите имаат што да научат.