Во светот на убавината и нега на кожата, корејската козметика стана глобален феномен кој ги освојува срцата на милиони. Препознатлива по своите иновативни формули, внимателно одбрани природни состојки и беспрекорни резултати, таа станува сѐ поприсутна и на македонскиот пазар. Денес разговараме со Стефанија Лузевска, сопственичка на онлајн продавницата Yeppeuda, која со голема страст и визија ја носи магијата на корејската козметика поблиску до македонските потрошувачи. Ќе зборуваме за нејзиниот претприемачки пат, предизвиците и инспирацијата зад Yeppeuda, како и за тоа зошто токму корејската козметика стана симбол за квалитет и ефикасност.
Што ве инспирираше да ја основате Yeppeuda, и како го дефинирате нејзиниот концепт во однос на локалниот и глобалниот пазар?
Вљубена сум во корејската култура уште од првиот пат кога ја посетив Кореја, а козметиката ми е љубов уште од најмали години. Кога корејската козметика започна да го освојува светот, едноставно знаев дека ова е мојата работа од соништата. Во време кога глобално се зголемуваше интересот за корејската козметика, почувствував дека овој тренд ќе стане дел од мојата животна приказна. Мојата цел беше да донесам дел од таа култура и филозофија во Македонија. Концептот на Yeppeuda се заснова на спојот на традиционалната корејска мудрост и современите трендови. Преку внимателно избрани производи од најпознатите корејски брендови, нудиме висококвалитетна нега на кожата која е базирана на иновација, ефикасност и природни состојки. Нашиот пристап максимално се труди да ги комбинира локалните потреби со глобалните трендови.
Корејската козметика и мода стануваат сè попопуларни низ светот. Што мислите дека е клучот за нивниот успех и кои корејски производи во вашата понуда најмногу ги привлекуваат македонските потрошувачи?
Како дел од КПОП која го освојува светот секојдневно – К-бјути се издвојува по иновативниот пристап, чистите и природни состојки, фокусот на минимализам и прифатливите цени а за возврат врвен квалитет. Придржувајќи се до принципите на персонализираната нега, тие создаваат производи кои таргетираат најразлични проблематики и типови на кожа. Преку постојана едукација на нашите клиенти, пробуваме да ги пренесеме корејскиот пристап и филозофија за нега на кожа, така што не би можела да издвојам еден или неколку производи кои се омилени помегу потрошувачите, пристапот е персонализиран и се трудиме секој клиент да го најде својот спој на производи кој ке му овозможи правила нега.
Како технологијата и дигиталните платформи влијаат врз козметичката индустрија, и на кој начин Yeppeuda ги интегрира овие иновации?
Неспорно е дека технологијата и дигиталните платформи играат клучна улога во развојот на секој бизнис денес. Во козметичката индустрија, технологијата не само што го забрзува процесот на производство и креирање на нови производи и формули, туку има енормна улога во нивно позиционирање и комуницирање. Дигиталниот маркетинг, преку различни алатки и платформи како социјалните медиуми и инфлуенсерите, се клучни за стекнување на доверба кај клиентите и поврзување со крајниот потрошувач.
Како веб-продавница, Yeppeuda.mk ја користи технологијата за максимизирање на купувачкото искуство. Од самото креирање на понудата, до корисничката поддршка и брзото доставување на производите, ние се стремиме да обезбедиме најдобро можно искуство за нашите клиенти. Тимот на Yeppeuda редовно следи светски трендови и се едуцира на полето на дигитализација, се со цел адаптација на истите, а задржувајки ја првичната мисија – Yeppeuda да е место каде секој ќе ја пронајде идеалната нега за себе.
Колку е важна културната инспирација во вашата работа? Дали корејската естетика и филозофија за убавина може да се применува во нашите секојдневни рутини за нега на кожа?
Културната инспирација е темел на сè што правиме во Yeppeuda. Нивната животна филозофија е она кое првично сакаме да го пренесеме бидејки мислам дека е во наша полза сите да го следиме нивниот пример. Најчесто, проблематиките кај кожата доаѓаат одвнатре и на база на стрес како производ на брзото време и нездравите навики. Кореанците навистина особено внимаваат на состојките кои ги внесуваат преку производите, но внимаваат и на исхраната, да е разновидна, потхранувачка како за телото, така и за умот.
Корејската рутина за нега на кожа, која се состои од двојно чистење, тонери, серуми, креми и заштита од сонце, не е само серија чекори, туку животен стил. Овие принципи може да се применат во секојдневниот живот, и не само заради здравата кожа, туку и заради вниманието кое го посветуваме на себе. K-beauty не е само козметика, туку е и начин на размислување кој води до балансиран живот и минимизирање на стресот ( колку и да е тоа невозможно во денешното време).
Како ја гледате иднината на K-beauty во Македонија и регионот? Дали постои можност за соработка со нови корејски брендови или отворање на локална линија инспирирана од нив?
K-beauty продолжува да расте на глобално ниво, а Македонија и регионот не се исклучок. Во следните години, очекувам дека корејската козметика да има уште поголем успех и ќе ги продолжи да ги менува стандардите на западната козметичка индустрија. Во Yeppeuda секогаш се трудиме да го донесеме најдоброто од светот на македонскиот пазар, постојано проширувајќи го нашето портфолио со нови брендови и производи кои се во тренд, висок квалитет и секако пристапни за нашиот стандард. Што се однесува до наша сопствена линија, мислам дека останува да видите понатака!