Од 30 мај до 1 јуни, Факултетот за драмски уметности ќе биде домаќин на второто издание на студентскиот филмски фестивал ХАЈ-ФАЈ — меѓународна платформа создадена од студенти за студенти, со цел промоција на новите генерации филмаџии од регионот и пошироко.
Фестивалот ќе започне со настанот „Meet the New Kids“ на Академска сцена, каде публиката ќе има можност да се запознае со студентите од новата класа на филмската катедра на ФДУ. Истата вечер, на паркингот помеѓу ФДУ и Машинскиот/Електро факултетот, ќе се одржи кино на отворено со проекција на култниот филм „Хај-фај“ во режија на Владимир Блажевски.
Главната филмска програма е закажана за сабота и недела (31 мај и 1 јуни), повторно на Академска сцена. Ќе бидат прикажани седум студентски кратки филмови, од кои два се македонски, а останатите доаѓаат од Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. По секоја проекција ќе следи разговор со авторите и македонскиот писател и филмски критичар Златко Ѓелески.
Фестивалот ќе додели две награди:
- Жирито составено од Сашко Потер Мицевски, Радован Петровиќ и Сашо Кокаланов ќе ја избере најдобрата филмска продукција,
- Специјална награда од „Синедејс“ – Фестивал на европски филм која ќе овозможи вклучување на еден победнички филм во официјалната селекција на „Синедејс 2025“.
Во рамки на едукативната програма, ќе се одржат два тематски настани:
- „Casting 101“ со актерките Наташа Петровиќ и Сара Климоска – практичен увид во кастинг процесот,
- И предавање на тема „Раскажување приказни“ со режисерот Ѓорче Ставрески.
Фестивалската атмосфера ќе биде збогатена со музичка ОФФ програма во бифето на ФДУ:
- TURBO XXX CLUB ќе настапат во петок,
- А HERZEL (Александар Гроздановски) во сабота вечер.
Влезот за сите настани е бесплатен. Деталната програма и распоред се достапни на официјалните профили на ХАЈ-ФАЈ и Академска сцена на социјалните мрежи.