Фестивалот „Викенд на гордоста – Скопје 2025“ ќе се одржи од 3 до 14 јуни во неколку културни институции во Скопје: МСУ Скопје, МКЦ, КСП Центар-Јадро и Театар Комедија.
Овогодишното фестивалско издание, со темат ЈУГОКВИР цели да ги истражува контрахегемонистичките конфигурации на родово и сексуално отелотворување во квир (феминистички) изведувачки уметности и социо-културни практики за време на социјалистичка Југославија и по неа, како и различните изведби од страна на квир телата и субјективностите во културните и политичките перформанси, визуелната култура и супкултурните практики на светоградење. Следствено, централниот фокус на ова фестивалско издание се однесува на историските и контекстуалните нијанси, критичките и политичките телесни тактики и афективните реартикулации употребени во квир и квир феминистичките перформативни и кореографски практики. Овие практики ќе бидат анализирани во однос на вкрстувачките режими на угнетување, како што се хетеронормативноста, патријархатот, етнонационализмот, расизмот, авторитаризмот, државното насилство, религиозното непријателство и неолибералниот капитализам. Фестивалското издание им пристапува на овие практики како места за појава на опозициски контрајавности и малцински проекти што имаат светотворечки потенцијал.
Програмата на Викендот на гордоста – Скопје 2025 нуди богата и интензивна културна, теориска и уметничка содржина што ги обединува квир, феминистичките и антикапиталистичките перспективи од постјугословенскиот простор.
Фестивалот започнува на 3 јуни во МСУ со отворањето на изложбата „ПАНК. СУПКУЛТУРА. СОЦИЈАЛИЗАМ. АРХИВИ И ФОТОГРАФИЈА ОД СЛОВЕНИЈА“. – обемна архивска поставка на панк и квир културата од Словенија, курирана од Марина Гржиниќ, во соработка со Славчо Димитров, a на 4 јуни, во КСП Јадро, програмата ќе продолжи со симпозиумот „За квир културата, Балканот, Источна Европа и глобалните транс* побуни“ со учество на теоретичарите, уметници и активисти: Марина Гржиниќ, Тјаша Канцлер, Весна Липоник, Јануш Чех и ДК.
На 5 јуни, во МКЦ, ќе се изведе перформансот на Алма Гачанин „Колку добро се покажа денес / How Well Did You Perform Today“, во партнерство со фестивалот Прво па женско. На крајот од истата недела, на 8 јуни, во Театар Комедија, ќе се
одржи вечерта на раскажување квир приказни под наслов СРАМОТА!, во соработка со ПичПрич.
На 12 јуни, во МКЦ, следува танцовиот перформанс „Нестабилни другари / Unstable Comrades“ во концепт и кореографија на Игор Коруга, а на 13 јуни, исто така во МКЦ, ќе биде изведено кореографското соло „Атрас / Atrás“ на Александар Георгиев – Аце.
Фестивалот ќе се заокружи на 14 јуни во КСП Центар–Јадро со перформансот „Dissolutions“ на Маја Зечо и отворање на нејзината самостојна изложба „Незгодни иднини“, во кураторство на Џон Блеквуд.
Разгледајте ја целосната програма и времиња на почеток на настаните на нашиот Фејсбук–настан. Постерот, програмата и зборникот на Викендот на гордоста – Скопје 2024 – ЈУГОКВИР се достапни ТУКА.
Програмата го осветлува историското и современото квир културно творештво низ изложби, симпозиуми, перформанси и теориски рефлексии, создавајќи простор за критичка уметност, афективна солидарност и јавна имагинација. Преку изложби, дискусии, перформанси, танцови изведби и дистрибуција на знаења, фестивалот ги поставува прашањата за односот на квир телата и изведбите со политичките процеси на демократизација, јавниот простор, социјалистичките еманципаторски идеали, како и можноста за изградба на заедници и светови на отпор.