Овој викенд, Охрид повторно ќе стане центар на културната магија – во сабота, 12 јули, се отвора 65. издание на фестивалот „Охридско лето“, еден од највпечатливите културни симболи на Македонија. Од своето основање до денес, фестивалот претставува мост меѓу традицијата и современата уметност, сцена каде се среќаваат врвни интернационални и домашни уметници. На чело на ова јубилејно издание е новиот директор Ѓорѓи Цуцковски, кој со свежа визија и длабока почит кон наследството, го најавува слоганот „Уметноста трансформира“ како водечка мисла на фестивалската програма. Во разговорот што следува, тој открива како се гради рамнотежа меѓу глобалното и локалното, традицијата и иновацијата, квалитетот и достапноста.
„Охридско лето“ веќе шест и пол децении го артикулира културниот идентитет на Македонија – како ја носите тежината на тоа наследство, додека истовремено се обидувате да внесете нова уметничка енергија?
Да се биде директор на оваа престижна институција претставува огромна чест, но уште поголема одговорност. Креирајќи го концептот на програмата, произлезе и мотивот за овогодинешното издание на фестивалот – „Уметноста трансформира“.
Уметноста може да предизвика промени во општеството и културата. Уметничките движења (како Ренесансата или Романтизмот) ја трансформирале општествената свест во различни периоди. Уметноста има моќ да го промени индивидуалното искуство и самосвеста. Креативните процеси помагаат во процесот на саморазвој и самоизразување, како и терапевтската уметност која може да се користи за исцелување. Во денешниот дигитален свет, уметноста се трансформира преку нови медиуми и технологии, како виртуелна реалност, дигитална уметност и интерактивни инсталации. Во контекст на глобалните еколошки промени, уметниците често ги користат своите дела за да ги предизвикаат луѓето да размислуваат за односот меѓу човекот и природата.
Програмата за 2024 година носи силен интернационален отпечаток. Каде ја гледате тенката линија помеѓу глобалната видливост и локалната автентичност?
Концептуално, при изборот на уметници бевме фокусирани на врвот од фелата на репродуктивни музичари и впечатливи актерски дејци. Повеќемина од годинашните изведувачи ќе ја збогатат антологиската енциклопедиска ризница на уметници што настапиле на фестивалот. Со тоа ја негуваме богатата традиција и на нашите посетители им нудиме вонвременски доживувања од аспект на високо квалитетна уметност.
Истите тие уметници се врвни афирматори – пред сè на сопствениот бренд, но и на сцените на кои настапуваат, а со тоа глобалната видливост на фестивалот станува сè пообемна. Уметници како Михаил Плетњов, Вадим Глузман, Даниел Мулер-Шот, квартетот на Кралскиот Концертгебау од Холандија, Симфоника ди Болоња, Лучера Тено и Хавиер де Маестре се престиж за најголемите концертни сали во светот, а ние со гордост ќе ги имаме годинава во катедралната црква „Св. Софија“.
Културата сѐ повеќе се третира како „производ“ – како го одржувате балансот меѓу уметничката автономија и потребата од привлечност за поширока публика?
Според мене, не постои апсолутна автономија кога станува збор за културно наследство од највисок ранг. Мора да се запази фактот како е формиран фестивалот и која е неговата мисија, а според мене тоа е да се негува врвниот квалитет во репродуктивната уметност.
Џез вечерите со Националниот џез оркестар и светски познатиот Феми Кути, како и вечерта на уметникот Дамјан Пејчиновски, надополнети со една детска претстава и една вечерна проекција на филм на отворено, може да се третираат како програма за поширока публика, но неоспорен факт е дека и тие ги исполнуваат највисоките квалитативни стандарди.
Одговорноста на еден фестивал не е само да претстави уметност, туку и да креира културна свест. Какви вредности сакате да пренесе Охридско лето 2025?
Квалитет, традиција, национална гордост – сето тоа поддржано од врвна уметност.
Колку, според вас, уметноста денес има капацитет да биде отпор на површноста и краткотрајноста на современиот медиумски и социјален пејзаж?
Уметноста е вонвременска, составен дел од сите еволутивни текови. Искрено верувам дека вистинските вредности секогаш го наоѓаат својот пат. Впрочем, тоа е составен дел и од мојата лична мисија – да потсетиме, да нагласиме, да издвоиме дека уметноста и уметниците се посилни од искривената реалност и се вистинско огледало на една нерелевантна перцепција која често се презентира.
Кои критериуми ве водат при избор на селектори и како осигурувате дека нивната визија е кохерентна со идентитетот на фестивалот?
Селекторите Ѓорчева и Витанов се пред сè интернационално докажани дејци во своите области, но и долгогодишни пријатели. Програмата сама по себе е показател за нашата исклучителна соработка, на која сум особено горд.
Охрид е сцена сам по себе – дали локациите на изведбите ги третирате како естетски партнери на програмата?
Охрид поседува сцени какви што ретко кој фестивал во светот има. Понекогаш одреден настан се врзува концептуално со просторот, но не е задолжително.
Како фестивалот се справува со предизвикот на културната достапност – не само во смисла на билетите, туку и во начинот на комуникација со младата публика?
Развиваме стратегија за поголема мрежна достапност, користејќи ги социјалните медиуми како алатка која најмногу допира до младите. „Охридско лето“ има огромен број на традиционална публика која со нетрпение го очекува фестивалското издание.
Која е вашата лична визија за еволуцијата на „Охридско лето“ – не само како фестивал, туку како симбол на културниот престиж на една нација во транзиција?
Да му се обнови сјајот како еден од најпрестижните фестивали во Европа. „Охридско лето“ е симбол на културниот престиж на нашата нација.
Во услови кога јавниот буџет за култура е ограничен, колку е важна улогата на корпоративниот сектор во одржливоста на фестивали од рангот на „Охридско лето“ – и дали верувате дека поддршката на културата од страна на големите компании треба да се третира како инвестиција, а не како спонзорска формалност?
Моето искуство со македонските компании е одлично. За тоа е показател рекордната спонзорска поддршка, за која сметам дека квалитетот на програмата е основата. Нашиот нов генерален спонзор А1, како и сите останати помагатели, го третираат фестивалот како инвестиција во националниот идентитет и културното наследство – не би очекувал поинаку.