Модната естетика на Анастасија Атанасовска повторно го привлече вниманието на публиката, претворајќи ја пистата во сцена каде модата станува уметност, емоција и јазик на женственоста.
Најновата колекција, „Tied Illusions“, ја открива динамиката меѓу силата и кревкоста, формата и мекоста, реалноста и фантазијата. Таа е визуелна поезија во движење – создадена за жената што се осмелува истовремено да биде чувствителна и смела, гласна во тишината и тивка во моќта.
Со оваа поставка, Анастасија ја зацврстува својата препознатлива естетика – елегантна, префинета и беспрекорно конципирана за жената што ја доживува модата како природен дел од своето секојдневие.
Колекцијата се инспирира од минималистичката архитектура, богата со суптилни рачно изработени детали кои внесуваат топлина и нежност. Материјалите создаваат впечаток на движење дури и кога силуетата мирува.




„Tied Illusions“ е замислена за жената која не се плаши да ги спои својата моќ и ранливост. Жената која не бара потврда – таа го носи својот свет, својата визија и сопствената вистина.
Со оваа колекција, A2 Atelier уште еднаш демонстрира дека македонската мода може рамноправно да се натпреварува со европските стандарди – преку врвна изработка, јасна концепција и естетика што се препознава од првиот миг.





