На престижниот SCAD Savannah Film Festival, македонската режисерка и ко-режисерка на двојно оскар номинираниот документарец „Медена земја“ (Honeyland) и авторка на новиот филм „Приказната за Силјан“ (The Tale of Silyan), Тамара Котевска, блесна во уникатен моден избор кој привлече внимание и на филмските и на модните кругови.
Тамара Котевска во моментов е на американска турнеја во рамките на кампањата за Оскар, а минатата недела беше дел од друштвото на десетте највлијателни документарни режисери на годината во престижната селекција “Docs to Watch” на The Hollywood Reporter, што се одржа на фестивалот во Савана, Вирџинија. Турата продолжува, а јавноста ќе има можност да ја следи преку медиумите и официјалните канали на филмот.

Нејзиниот изглед, фотографиран од познатата холивудска фотографка Emma McIntyre за Getty Images, ја спои филмската уметност со автентичниот етно дизајн. McIntyre е добитничка на прва награда во категоријата “AMER Entertainment Picture of the Year” на Getty Images Editorial Awards 2024, признание кое ја потврдува нејзината извонредна способност да создава фотографии исполнети со емоција, композиција и визуелно раскажување во еден моќен момент.
Тамара се појави во црн фустан со рачно извезени мотиви инспирирани од балкански орнаменти, минималистички линии и современ етно гламур. Модниот избор ја изразува нејзината уметничка суштина, комбинација на длабока културна свест и модерна самодоверба.
Да потсетиме дека „Приказната за Силјан“ на двојно оскар номинираната режисерка Тамара Котевска е откупен од National Geographic Documentary Films, еден од најреномираните светски дистрибутери на документарни остварувања. Филмот годинава ја доби „Наградата на Музата“ за најинспиративен филм на Биеналето во Венеција, предизвика овации на преполните проекции во Торонто, а стана и македонски кандидат за наградата Оскар за најдобар интернационален филм.


Дополнително, „Приказната за Силјан“ ја освои и наградата „Сребрен Хуго“ (Silver Hugo) во категоријата документарни филмови на Меѓународниот филмски фестивал во Чикаго (Chicago International Film Festival), чие 61. издание годинава се одржа од 15 до 26 октомври.
Природната коса, суптилната шминка и карактеристичниот накит со геометриски елементи дополнително ја нагласија нејзината автентичност. Фотографиите на McIntyre, направени во препознатливиот стил на Getty Images, го доловуваат нејзиниот мир, сигурност и креативен сјај.


Сцените од нејзините појавувања на панел дискусиите и официјалните настани потврдуваат дека Тамара Котевска не е само име во документарната кинематографија, туку и симбол на современа, елегантна и културно свесна женственост.

