Тамара Котевска беше поканета на затворен ВИП ручек и дискусија за филмот ONE BATTLE AFTER ANOTHER со целиот каст: Леонардо Ди Каприо, Бенисио Дел Торо, Тијана Теклор, Чејс Инфинити, Регина Хал.
Како член на Академијата и гласач, Тамара Котевска беше единствениот претставник на документарни филмови меѓу 30тината избрани и поканети холивудски гласачи на ВИП ручекот и дискусија со холивудските актери од ONE BATTLE AFTER ANOTHER на Пол Томас Андерсон кој годинава е во трката за оскари и има најмногу номинации за Златен Глобус. Настанот започна со дискусија на актерите Леонардо Ди Каприо, Беницио Дел Торо, Тијана Тејлор, Чејс Инфинити и Регина Хал кои од прва рака ги раскажуваа своите приватни доживувања за време на снимањето. Тие од снимањето и соработката со генијот Пол Томас Андерсон споделија хумористични детали пред одбраната публика која се состоеше од познати актери и режисери.








Тамара Котевска сподели дека лично поразговарала со Леонардо кој многу добро се сеќавал на Медена Земја и на самата Тамара со која ја делеа сцената во центарот на првиот ред на фотографијата од номинираните во 2020.
Тој е силен поборник на документарци за екологија и природа, а оваа година како продуцент преку Di Caprio Fondation повторно има свој кандидат кој е во трката за оскари, а чиј режисер е австриецот Ричард Ладкани, инаку заеднички пријател на Котевска и Ди Каприо. Во секој случај, Силјан е многу подалеку во трката за оскарите од филмот на Ладкани, па можеби токму затоа самиот Ди Каприо во разговорот со Котевска пројавил желба да го гледа “Приказната за Силјан”. Тој бил доста љубопитен за филмот и за неговиот молскавичен пробив на кампањата годинава.
Меѓу другото, Котевска имаше можност да поразговара и со Бенисио Дел Торо и со Тијана Тејлор која како главниот бунтовник во филмот исто така пројавила огромна желба да го гледа документарецот на Котевска кој носи слични тематики на правда и бунт кон неправедниот систем.
“Да се градат односи и пријателства низ годините со холивудските ѕвезди кои ми биле најголемо влијание како дете да се посветам на филмската магија е како некаков чуден сон кој од секогаш се чинел недостижен. Но кога си таму со нив во истата малечка просторијата, делиш оброк заедно и гледаш колку се тоа обични луѓе кои минуваат низ истите трауми, искушенија, несигурности и притисоци со секој нов филм како и сите ние останатите филмаџии на планетава, тоа е едно посебно чувство кое ги руши сите предрасуди и бариери дека нешто е невозможно да се достигне”. – изјави Котевска како доживување од настанот.

Тамара Котевска со актерот и еко-активист Леонардо Ди Каприо на доделувањето на Оскарите 2020, каде „Медена земја“ испиша историја со две номинации.

