Специјална Олимпијада на Северна Македонија со гордост го најавува своето учество на претстојните Специјални Олимписки Светски Зимски Игри – Торино 2025, кои ќе се одржат од 7 до 16 март 2025 година во регионот Пиемонт, Италија. Нашата делегација, составена од талентирани атлети, тренери и официјални лица, ќе ја претставува Северна Македонија на ова големо спортско натпреварување кое ќе собере над 1.500 атлети од 102 земји низ светот.
На овој глобален спортски настан, нашите атлети ќе се натпреваруваат во алпско скијање, крос-кантри скијање и спортски танц, демонстрирајќи го својот талент, посветеност и спортски дух. Делегацијата ќе биде предводена од Драган Караџовски, како шеф на делегацијата, проф. Јован Јовановски како главен тренер за алпско, проф. Ермонд Мифтари како помошен тренер за алпско скијање, проф. Илија Клинчаров како главен тренер по крос-кантри скијање и проф. Катерина Јолакоска како главен тренер за спотски танци. Атлетите кои ќе ја претставуваат нашата земја се:
- Фатмире Бајрамоска – крос-кантри скијање
- Албан Бајрамоски – крос-кантри скијање
- Илина Георгиева – спортски танц
- Стефан Трпковски – спортски танц
- Матеј Аларов – алпско скијање
- Себаат Ајвази – алпско скијање
Во рамки на игрите, делегацијата на Специјална Олимпијада на Северна Македонија ќе биде дел и од Глобалниот Самит за Лидерство на Младите, програмата „Здрави Атлети“ и други инклузивни иницијативи, со што ќе ја промовираме важноста на спортот како средство за социјална инклузија.
Под мотото “Дозволи ми да победам, а ако не можам, дозволи ми да бидам храбар во обидот”, нашите атлети ќе дадат сè од себе да ја претстават земјата во најдобро светло и да покажат дека спортот е за сите.
Со ова учество, Специјална Олимпијада на Северна Македонија продолжува да ја исполнува својата мисија за создавање инклузивно општество во кое лицата со интелектуална попреченост имаат можност да го достигнат својот целосен потенцијал преку спорт.
Изјава на Моника Бошкоска, Претседател на Специјална Олимпијада на Северна Македонија:
“Најголемата благодарност ја упатувам, пред сè, до нашите атлети и нивните семејства, кои со својата посветеност и труд се симбол на вистинскиот олимписки дух. Благодарност и до сите наши соработници и општествено одговорни компании за поддршката што ни ја пружија во подготовките за Торино 2025. Без нивната помош, ова патување немаше да биде можно. Со заеднички сили, продолжуваме да создаваме можности за лицата со интелектуална попреченост и да ја градиме инклузивната спортска заедница која ја заслужуваме.”
За повеќе информации, следете нè на www.som.org или контактирајте нè на som@som.mk.
Контакт: Специјална Олимпијада на Северна Македонија
Адреса: Ѓурчин Кокале 7, Скопје, Северна Македонија
Телефон: +389 70 606 616
Email: som@som.mk
#SpecialOlympics #Turin2025 #TeamNorthMacedonia #InclusionThroughSports