Пред точно 25 години, сјаевите за усни Juicy Tubes на Lancôme го освоија светот со нивниот сладок мирис, впечатлив сјај и пакување кое личеше на туба со мед. Денес, овој козметички класик се враќа на сцената, совршено прилагоден на новата генерација, но со почит кон носталгијата која ја буди кај сите што ги користеле во раните 2000-ти.
Во времето на почетокот на новиот милениум, Juicy Tubes беа задолжителен дел од секој несесер – симбол на младешка разиграност, женственост и моден тренд. Со повратокот на Y2K стилот – модата инспирирана од таа деценија – сјајот за усни повторно е во центарот на вниманието. Наместо мат текстури и строги линии, повторно се враќа влажниот изглед на усните, со природен, но впечатлив сјај.
Во новото издание, сјаевите се достапни во две верзии: класичните Juicy Tubes – со истата богата текстура и мириси кои не потсетуваат на овошни бонбони, но со подобрена нега и лесна примена, и новите Juicy Treats – со додадени природни масла како сквалан, кои овозможуваат хидратација до 24 часа и пријатен, нелеплив сјај.
Социјалните мрежи се преплавени со клипови од кампањата „Juicy Kissing Web“, во која учествуваат ѕвезди од почетокот на 2000-тите – Парис Хилтон, Хилари Даф, Рејчел Билсон и други, кои споделуваат спомени за првите бакнежи и првата шминка. Тоа е емотивна, забавна и носталгична приказна која ги поврзува генерациите. Палетата е проширена со модерни, но суптилни нијанси – беж, какао, лаванда – со или без сјајни честички. Тубата останува препознатлива, но со освежен дизајн.
Juicy Tubes не се само сјај за усни – тие се чувство, спомен, моден белег од едно време кое повторно го славиме. Без разлика дали се сеќавате на нив од средно училиште или ги откривате за првпат, тие носат насмевка – и сјај – на секое лице.