На 3 јуни со почеток од 21 часот во МКЦ ќе се одржи перформансот „Абјектот на желбата“ (Abject of Desire) во изведба на Ширли Харти Убила. Ширли Харти Убила е кореографка и перформанс уметница со чилеанско и шведско потекло, која работи и живее во Стокхолм. Перформансот е дел од Викендот на гордоста Скопје 2023 кој ќе трае од 1 до 13 јуни во Музејот на современа уметност, МКЦ и КСП „Центар-Јадро“, а овогодишниот тематски фокус е КВИР-ХРОНОПОЛИТИКИ: Историја, афекти, утопии. Проблемите што ќе ги адресира годинашното издание тргнуваат од мноштвото квир-теории и историографии што го ставаат прашањето на времето и историјата во центарот на своите иследувања.
„Абјектноста“ во делото што ќе го изведе во Скопје се однесува на човечката реакција (на терор и повраќање) на заканата од пропаста на значењето предизвикано од исчезнувањето на разликата меѓу субјектот и објектот или меѓу себе и другиот. „Желбата“ го означува силното посакување, копнеж и чезнење, несовладливото чувство или потреба, сексуален апетит и похота.
„Абјектот на желбата“ претставува дејство и постојан однос на контрадикции. Изведувајќи ја Другоста, Ширли го насочува окото на набљудувачот така што неговата перцепција станува огледало на субјектот. Таа силно верува дека создавањето на уметноста е нежен, силен и опасен начин да се промисли како да се живее во овој свет.
Идеја и концепт: Ширли Харти Убила и Хана Киш
Кореографија: Ширли Харти Убила
Костими и сценографија: Хана Киш и Нина Џохансон
Изработка на перики: Џесика Хедин
Музика и звук: Маја Лоуренцо
Светло: Анџела Екс
Уметнички советник: Хала Олафсдотир
Уличниот танц како жанр, и основа, е очигледен во сите дела на Ширли, иако во изминатите неколку години нејзиниот фокус се менува од нагласениот фристајл и традиционалните изрази во рамките на уличниот танц во влијанија на поопширни движења и поинакви перформативни практики. Од неодамна, Ширли се насочува кон проучување на тоа како социјално-конструираните идентитети зависат или потекнуваат од нашите односи со други луѓе. Исто така, се занимава и со начинот на кој таа води преговори со нејзиниот латинкс квир-идентитет во рамките на белечката перформативна уметничка традиција. Како буч дајк со поинаква боја, свесна е дека телата се значајни, движечка сила во сите нејзините уметнички дела. Силно верува дека создавањето на уметноста е нежен, силен и опасен начин да се промисли како да се живее во овој свет.
Повеќе информации за остатокот од програмата можете да најдете во следниот каталог.
Фестивалот е во организација на Коалиција МАРГИНИ и ЛГБТИ Центар за поддршка, а се реализира во партнерство со ТрансФормА, Заедно посилни, Музеј на современа уметност – Скопје, КСП „Центар-Јадро“ и Тиииит!Инк., a благодарение на несебичната поддршка на Heinrich Böll Stiftung, Фондација Отворено Општество Македонија, Министерство за култура на Северна Македонија, Friedrich Ebert Stiftung и Transgender Europe. Изложбата на Карол Раѓишевски се реализира во партнерство со Заедно посилни, и е делумно поддржана од Европската унија. Перформансот на Малик Нашад Шарпе се реализира во партнерство со ТрансФормА, и е делумно поддржан од Transgender Europe. СРАМОТА! се реализира во партнерство со Тиииит!Инк. и е поддржано од Шведска и Фондацијата Kvinna till Kvinna.