Неформалната организација Japan@mk е веќе во последните фази од подготовката на второто издание на Нихон-Џи Фестивалот за јапонска култура кој има за цел да доближи различни сегменти од јапонското општество, историја, традиција, култура и модерно живеење до македонската публика.
За второто издание на фестивалот, организацијата подготвува уште поголема и побогата програма, со голем број учесници. Македонската публика повторно ќе има можност да ужива во уметничка изложба, работилници, проекции, трибини, презентации, концерти, продажен дел, храна и пијалоци кои ќе ја донесат Јапонија во Македонија.
„Овој настан е „од фанови за фанови“ и е од непрофитна природа, па секоја донација и спонзорство е целосно насочено кон покривање на основните трошоци за изведба на фестивалот. Со цел да се олесни целиот процес, отворивме сметка за донации: https://ecrowd.mk/projects/d6209788-ed6e-4931-9c9d-4fb509a46dfb. Посебна благодарност до Здружение на граѓани за нови уметности, технологија и екологија „3.14 Брокули“ кои ја овозможија оваа ecrowd кампања“, велат организаторите.
Темата на фестивалот е „Неонски бранови“.
„Зашто брановите се најприродното нешто, брановите означуваат движење, промена, раширување, пренесување. Светлината се раширува со бранови, звукот се пренесува преку бранови, културата се шири преку бранови. Брановите се она што ги поврзува природата и технологијата, уметноста и човекот. Фестивалот треба да претставува рефлексија на јапонското културно влијание во Mакедонија. Мешавина од традиција и технологија. Овој фестивал е спојување на различностите и спротивностите под една заедничка цел за соработка и солидарност“, пишува на нивниот сајт за второто издание.
Фестивалот и оваа година ја има поддршката од Амбасадата на Јапонија во Република Северна Македонија.
На следниов линк може да ја погледнете галеријата од минатогодишното издание.