Кога еден технолошки бренд кој е посветен на иновации ќе излезе во природа и ќе ја покани јавноста на заедничка акција за чистење, зад тоа стои добра причина. VIVAX ова го прави по втор пат, бидејќи како што велат, грижата за животната средина е исто толку важна колку и иновативната и паметна технологија.
По успешниот еко-настан во ноември минатата година, оваа сабота, на 3 мај, ќе се одржи второто издание на „VIVAX Чистка на Водно“, за кое подетално разговараме со Сандра Спирова, бренд маркетинг специјалист за VIVAX во Македонија, Косово, Грција, Албанија и Бугарија.
Оваа сабота повторно ја организирате „VIVAX Чистка на Водно“, акција за која имате отворен повик до јавноста да се вклучи во што поголем број. Зошто е важно да има голем одзив?
Ако земеме предвид дека минатата година во ноември со помош од 200 луѓе се собрани над 200 вреќи отпад, замислете колку ќе биде потребно да се исчисти Водно после првомајскиот празник, кога сите сакаат да бидат во природа, но не сите внимаваат што оставаат зад себе. Додека планината ни помага да дишеме полесно (и физички и психолошки), ние, за жал, имаме тенденција да ја гушиме.
Оваа акција, освен тоа што му помага на Водно, е многу здрава и за учесниците, прави да се чувствуваат добро правејќи добро дело, лесното темпо на движење во природа на чист воздух дополнително ги расположува и релаксира, а групното дружење резултира со многу забава и нови познанства. Затоа и завршуваме со журка на врвот, каде што сите овие позитивни чувства кулминираат и создаваат едно незаборавно искуство.
За оние кои не учествувале минатата година, може ли да ни кажете подетално како се одвива акцијата и кој сѐ може да учествува?
Акцијата започнува со средба на учесниците во 9 часот на почетната точка – полициската станица на Водно. Тука, првите 150 кои ќе пристигнат, ќе добијат симболичен подарок за планинарење од VIVAX, односно ранец со маица, јакна ветровка и термос, а сите учесници добиваат опрема за собирање на отпадот.
Оттука, одиме кон Средно Водно и заедно расчистуваме сѐ што е на патеката и околу неа. На Средно кратко одмараме и се делиме во групи за да ги поминеме најфреквентните патеки до врвот – Цветкова, Олимписка, Пензионерска и Новогодишна. Сето ова се одвива под водство на искусните планинари од Х2О.
Пристигнуваме пред планинарскиот дом Даре Џамбаз, каде што нѐ чекаат свежо цедени сокови и нашите диџеи Чваре и Базел. Ќе имаме кратка едукативна презентација, по што продолжуваме со дружење, забава и предизвици преку кои учесниците ќе имаат можност да добијат на подарок VIVAX смарт часовник или преносен блутут звучник.
Во оваа акција може да учествува секој кому ова му звучи привлечно. 🙂 Нема никакво брзање ниту форсирање нагоре, целта е да собереме што е можно повеќе отпад и да си поминеме убаво.
Ова делува како нешто повеќе од еколошка акција. Од минатогодишното искуство, каква енергија очекувате?
Токму така. Целта е собирање на отпадот, но се претвора во едно навистина убаво искуство, во уживање во моментите на поврзување, како со природата, така и меѓусебно. „VIVAX Чистка на Водно“ е настан кој обединува луѓе од многу различни генерации, професии и навики, со една заедничка цел – да направиме нешто добро.
Како што споменав, нема никаков притисок или натпревар, сакаме во опуштено темпо и позитивна атмосфера да направиме промена. Оттаму, очекуваме и оваа година луѓето да се чувствуваат добро, да бидат активни и инспирирани. Заедно да покажеме дека грижата за природата не е само обврска, туку може да биде радост, забава, и начин за поврзување со луѓе со слични вредности.
Како оваа иницијатива се вклопува во вашата лична визија за VIVAX од аспект на бренд маркетинг специјалист?
Секогаш сум верувала дека маркетингот не е само алатка за продажба туку простор за раскажување искрени приказни и за негување вистински вредности. А нашата приказна за VIVAX не е само создавањето на квалитетни производи со одлични перформанси, туку за луѓето кои ги користат и за светот во кој живееме. Сакаме да бидеме бренд кој е присутен во повеќе аспекти од животот на нашите корисници.
Целиме кон тоа да создадеме искуства, да ги поддржиме луѓето во нивниот секојдневен живот и да постигнеме пошироко позитивно влијание. Затоа ваквите иницијативи за нас се природен дел од тоа што го градиме како бренд. А за мене лично, тие се најинспиративниот дел од работата бидејќи го гледам влијанието на нашите одлуки во реално време.
Дали сметате дека публиката ги препознава ваквите настани и вистински се поврзува со брендот?
Секако. Луѓето денес очекуваат повеќе од производи и реклами, сакаат да видат вредности и дела. Кога некој ќе купи производ од VIVAX, сакаме да знае со сигурност дека избрал бренд кој навистина се грижи. Затоа вложуваме и во еколошки дизајн – со намалена потрошувачка на вода и енергија, рециклирачки материјали… Сѐ што е важно и може да направи промена.
Без разлика дали спонзорирате културен настан, поддржувате младинска иницијатива или организирате акција за чистење – ако доаѓа од чист мотив, луѓето тоа го чувствуваат. Кога гледаат дека сте искрени во вашата намера, ви веруваат повеќе. А со довербата доаѓа и лојалноста кон брендот.
Кои се најголемите можности што ги гледате за VIVAX – не само како бренд, туку и како дел од секојдневниот живот на луѓето?
Живееме во брз свет – брза технологија, брзи трендови, брзи информации. Но, верувам дека има простор за нешто повеќе. Сакаме VIVAX да биде бренд кој поттикнува да бидеш присутен во моментот, да уживаш и да покажеш грижа. Без разлика дали тоа е преку нов паметен уред или преку саботна прошетка на Водно, сакаме да бидеме дел од секојдневните моменти на луѓето и да ги направиме малку посветли, почисти и похумани.