На 2 септември 2025 година, во 19 часот, во Младинскиот културен центар – Скопје ќе биде отворена самостојната изложба „Маските како лице на денешницата“ на уметницата Бојана Мандевска.
Изложбата претставува колекција од рачно изработени глинени маски, преку кои авторката ја преточува својата внатрешна приказна – емоции, мисли и искуства обликувани во уникатни ликови. Делата се инспирирани од секојдневието, од околината и од современото општество, носејќи силна социјална и психолошка порака. Маските го отвораат прашањето за идентитетот и симболичките лица што луѓето ги носат во денешното време.
Проектот е реализиран со поддршка на Министерството за култура на Република Северна Македонија, како проект од национален интерес во областа на визуелните уметности, архитектура и дизајн за 2025 година.
Изложбата е отворена за пошироката јавност.