Во пресрет на реванш натпреварот од финалето на ЕХФ Европскиот куп, ракометниот клуб „Алкалоид“ упатува повик за спортско и достоинствено навивање од трибините на СЦ „Борис Трајковски“. Натпреварот против РК „АЕК“ од Атина, кој се игра во недела, претставува клучен момент во европската сезона на клубот.
„Ова финале е резултат на посветената работа на играчите, стручниот штаб и поддршката од нашите навивачи. Важно е да ја продолжиме оваа успешна приказна со фер и спортско навивање. Публиката е нашиот осми играч – нека биде пример за спортска култура и почит кон противникот,“ изјави претседателот на клубот, Горан Минов.
На трибините се очекува шаренолика публика, меѓу кои и најмладиот навивач на клубот, на само две години. Навивачката група „Кафетинки“, која веќе е препознаена по својот гласен, но достоинствен пристап, ќе биде дел од атмосферата што се очекува да биде празник на спортот.
Од клубот додаваат дека спортот е многу повеќе од резултат – тоа е платформа за заедништво, почит и витешка игра.