Со емисијата Reality Check, новинарката и водителка отвора теми кои ретко добиваат внимание, и уште поретко – вистински дијалог. Комбинирајќи експеримент, анализа и хумор, таа ја поканува публиката да се соочи со себе и со околината.
Во ова интервју, таа зборува за поттикот зад Reality Check, искрените и често изненадувачки реакции од публиката, и за тоа како емисијата успева да отвори чувствителни, но неопходни разговори што ретко се водат јавно – на начин што е и провокативен и забавен, но пред сè, човечки.
Reality Check се обидува да постави огледало пред општеството. Кога го создававте концептот, дали примарната мотивација беше лична потрага по одговори или потреба да се поттикне колективна свест?
Од секогаш ми било многу чудно со каква површност и незаинтересираност најголем дел од луѓето се движат од ден во ден. Не сметам дека сите треба да бидат професионални премислувачи, но ако констатираш дека нешто ти пречи, нешто не е добро, те мачи, не си задоволен со тоа што го имаш, ако денот ти почнува со: „е да видиш (некаде во светот)“ и ти завршува со: „затоа нас не не бива“… дека е некако нормално да застанеме и да се прашаме, што е тоа што не разликува? Од друга страна, знаеме многу да си ги глорифицираме некои сегменти од нашиот менталитет, да сме особено горди на некои карактеристики или начини на однесување кои ги сметаме за потопли, поискрени, почовечки. И од тука ми тргна идејата. Како и со секоја „дијагноза“, прво е важно да си признаеме дека имаме проблем за нешто, а потоа да видиме кои решенија ни стојат на располагање. Или да го анализираме доброто, и да го направиме подобро. И еве, после првите неколку епизоди, можам да кажам дека функционира.
Секоја епизода е проследена со експеримент што ја отвора темата на ниво на искуство, а не само мислење. Дали постои момент кога експериментот ве изненадил повеќе од теоријата зад него?
Секако. И самата емисија е еден голем експеримент. Кога ги подготвував експериментите и размислував како да бидат автентични за нашето поднебје, веќе можев да предвидам какви би биле резултатите. Но тоа беа само груби рамки, за тоа што може да се очекува и за споредба како е низ светот. Да речеме дека ме изненади експериментот со гледањето на кафе, во темата за суеверието. И покрај откривањето на вистинскиот идентитет на „гледачот“ и признанието дека всушност се работи за пренк, некои од учесниците во фокус групата одбиваа да веруваат дека човекот всушност нема појма од гатање, само затоа што работите што им ги кажа им одеа во корист, беа токму тоа што сакаа да го слушнат. Беше посилно од нив да му одолеат на тоа чувство. А во реалноста станува збор за генерички „предвидувања“, реченици во кои секој ќе си се пронајде, од типот: „те чека пат“, „некој сака да те види“, „ќе добиеш документи“. И секој во својот ум си ги толкува адекватно на своите краткорочни планови или долгорочни очекувања. Работејќи како новинар долги години, но особено влегувајќи во односите со јавноста и маркетингот, постојано клучна основа во работата на проектите ми било утврдувањето што ги движи луѓето, како најдобро да им се пристапи, што би сакале, како размислуваат, како да се подготви некоја информација, производ или услуга.
Со години сум фасцинирана од бихејвиоралната наука (наука за однесувањето) и многу време имам посветено читајќи и информирајќи се за психологијата на индивидуалното однесување, но и на социјалната психологија – за тоа како другите влијаат на нашите избори, ставови и однесување. Во последно време има многу фасцинантни анализи и информации кои доаѓаат низ т.н. невромаркетинг. Така што сè ова се обидов да го ставам во функција на подобро проучување на однесувањето на луѓето.
Темата за менталното здравје е сè уште табу во нашата средина. Дали почувствувавте дека емисијата го проби тој ѕид, барем малку? Какви реакции добивте од публиката?
Искрено, неколку години ја подготвував емисијата, читав, се консултирав со експерти, тестирав на терен за тоа каков пристап ќе биде најдобар. И заклучивме дека комуникацијата мора да биде ненаметлива и задолжително со доза на хумор, дури и на моја или на сметка на некој од тимот. И на хуморот ни се врати со многу хумор. Точно се покажа духовитоста на нашиот народ. Најголемиот дел од коментарите, забелешките, одговорите беа фантастично смешни.
Ми се чини дека по пласирањето на првата епизода како да имаше момент на тишина, како да се премеруваа луѓето што да одговорат на тоа што го видоа, но мислам дека веднаш потоа се ставија во позицијата на фокус групите и ја посведочивме целата духовитост на нашите сограѓани. Инаку, неочекувано, најсилна и најактивна група се покажа дека се младите луѓе, 25години, иако мислев дека повеќе интерес ќе има кај возрасната група 40+. Но реакциите, коментарите и вклученоста на младите покажа дека тие немаат стереотипи кон тоа од кого им доаѓа информацијата, се додека содржината им е интересна и прифатлива. Ме изненади свесноста со која ми пишуваат, знаат дека се генерации на кои општествениот систем најмалку им има посветено внимание. И тука има простор за акција. Има многу содржина во нивните стотици пораки. Некогаш, штом ја најавиме следната тема, ми праќаат гласовни пораки – типично за генерацијата Z – и објаснуваат на кои аспекти би сакале да се фокусираме за да докажеме некоја поента или сугерираат прашања за експертите, барајќи одговори кои тие би сакале да ги слушнат.
Но генерално, младите луѓе не се срамат да признаат дека им треба помош, немаат стереотипи, и како што впрочем потврди психологот Тина Васков во емисијата, тоа се генерации кои сами се дијагностицираат – најчесто точно – но не знаат што да преземат понатаму за да им биде добро. Се надевам ќе го свртиме вниманието на темите на кои треба најмногу фокус и патот ќе стане полесен.
Епизодата „Убавината – предност или товар?“ се занимава со нешто што на прв поглед изгледа површно, но носи длабока психолошка тежина. Како се менува односот кон себе кога ќе се соочиме со перцепциите на другите?
Се потврди тезата дека судиме и не судат според надворешниот изглед. Беше интересно да се следи како фокус групите настапија на почетокот, првите реакции на фотографиите и приказните, и како низ разговор со ко-водителите до крајот на сесијата ги сменија ставовите речиси за сите луѓе. Но идејата ми беше да ја тргнеме стигмата и критиката од луѓето кои денес сакаат да изгледаат најдобро што можат, дури и ако тоа подразбира дека во одредени случаи таа слика за себе ќе биде малку коригирана.
Просто, тоа е темпото на денешнината, тоа се вредностите на 21 век, и не би било чесно да кажеме дека треба отпор кон стандардите на новото време. Секоја етапа имала свои параметри. Впрочем, статистиките и праксата од целиот свет потврдуваат дека физички попривлечните луѓе имаат повеќе привилегии во секојдневието, имаат повеќе шанси за подобро работно место и повисоки плати. Но, за среќа, констатиравме дека убавината сама по себе не е доволна без самодоверба, без добро воспитување и поставување на лични граници.
Во делот за психологија на толпата, гледачот се соочува со тоа колку малку му треба на човек за да се откаже од сопственото мислење. Мислите ли дека модерното општество поттикнува индивидуалност или конформизам?
Зависи од кој аспект се гледа. Да речеме дека животот во нашата држава би можеле да го сублимираме во констатацијата дека би сакале да бидеме индивидуалисти кога станува збор за бенефициите на лидерството, но дефинитивно кон групата кога станува збор за избегнување на одговорноста. Дополнително, тука како силни фактори се и самото функционирање на општеството, недостиг на санкции за непочитување на правилата од законски аспект, но ни затајува и моралниот и етичкиот принцип. Секако, состојбата зависи од самата држава – на спротивна страна од нас се земјите на Далечниот Исток: Јапонија, Јужна Кореја, Хонг Конг, па и Кина. Многу послични на нашето однесување се балканските и медитеранските држави, па повторно, дијагонално спротивни се скандинавските. Слоеви и слоеви за проучување. Психотерапевтката која анализираше со нас, Благица Ризовска, ова го поедностави со имањето здрава логика – на поставување граница и одмерување кога за нас функционира индивидуализмот, а кога припадноста кон групата.
Како автор и водителка, носите голема одговорност – не само да информирате, туку и даКако автор и водителка, носите голема одговорност – не само да информирате, туку и да провоцирате размислување. Како се справувате со оваа тежина, особено кога знаете дека темите можат да бидат лично болни за некои гледачи?
Навистина внимавам – и како ги формулирам темите, и како ги спроведуваме експериментите. Внимавам дури и при правењето анкети, бидејќи кај нас луѓето не сакаат многу да зборуваат отворено, се плашат да не кажат нешто погрешно и да бидат изложени на потсмев. Тука придонесува и самата cancel culture, карактеристична пред сè за функционирањето на друштвените мрежи. Кога сум на терен со екипата, им пристапувам на луѓето на почеток без камера, да им кажам која е темата, дали се наоѓаат во неа, дали би сакале да зборуваат за своето лично искуство. Доколку се согласат, тогаш снимаме. Околу темите кои можат да бидат чувствителни, се консултирам со психолозите кои се мои соработници – како да се позиционираме, на што да внимаваме. Цел тим работиме на истражување на податоците за темата.
Не велам дека сè е беспрекорно, но ова е нов проект и за нас. Би сакала да ги применувам сите постулати на новинарството во создавањето квалитетна видео содржина – да информирам, едуцирам и забавувам. Во исто време.
Има ли учесник во некој од експериментите кој ве изненадил со реакцијата или со храброста да се соочи со вистината?
Искрено – да. Во емисијата со апликациите за спојување, се обидовме ние да бидеме замена за алгоритмот на Tinder и Bumble. Им пристапував на случајни минувачи, покажувајќи го автентичниот профил на девојка која бара партнер, прашувајќи ги дали според информациите на него би излегле на дејт со неа. На мое изненадување, двајца се согласија и средбата се случи веднаш. Девојката беше една од нашите соработнички – терапевт во едукација, Деспина Ковачевска – и таа буквално излезе на состанок на невидено, со двајцата. Сè во корист на науката. Инаку, од сè до сега, мислам дека најдобри реакции имаше од учесниците во фокус групите за генерациските разлики и недоразбирања, кога беа ставени во чевлите на некоја друга генерација. Се снаоѓаа, импровизираа најдобро што знаеја, се изнасмеавме сите комплет. Навистина беше забавно и мислам дека таа емисија на сите ни покажа дека треба многу повеќе да разговараме и со своите деца, и со своите родители. Да учиме едни од други.
Дали мислите дека ваков формат – што провоцира мислење, наместо да го сервира – може да стане нов стандард во продукцијата на медиумски содржини кај нас?
Навистина се надевам. Некако, новото време го наметна тоа однесување на „се знам“. Кај нас сите сè знаат и не се срамат да констатираат дури и неточни работи со прилично голема самодоверба. Тоа го гледаме и во медиумите, и во популарната култура, бизнисот, политиката. Многу ретко прашуваме, а уште поретко слушаме. А животот, во пракса, е сосема друго. Различни искуства, патишта, географски координати, различна едукација.Кога бев на студиите по новинарство, а и подоцна кога почнував со работа надвор од Македонија, главното начело ни беше: „не е срамота да не знаеш. Срамота е да не знаеш кого да прашаш.“ Сè уште стојам на ова.
Кои теми веќе ви се во умот за наредните епизоди? Има ли некоја вистина што чувствувате дека сè уште не сме подготвени да ја слушнеме, но мора да ја отвориме?
Да. Лично мислам дека не сме подготвени да слушнеме зошто како нација сме постојано рангирани како несреќни. Што е тоа што нè тера да се чувствуваме така? Би сакала длабински да влезам во суштината на ова прашање.