Култните субверзивни главни женски ликови во филмовите од 60-тите години наваму преку нивните костими ќе бидат претставени на мултиформатна изложба во МКЦ на 8 јули како дел од придружната програма на овогодинешното јубилејно издание на Синедејс.
Субверзивните „лоши“ девојки од филмската историја, а поточно од 60-тите години наваму се во фокусот на настанот со наслов „Лошите девојки од филмовите“, а посебно се еден од главните интереси на авторката на настанот – Сандра Шевандо. Контроверзните ликови како Бони Паркер, Петра фон Кант и Северин од филмските автори Артур Пен, Фасбиндер и Буњуел ќе останат запаметени по нивната костимографска визуелизација, која што ќе има силно влијание во секојдневната мода не само во периодот во кој што филмот излегол, туку и децении нанапред. Она што ги поврзува избраните ликови е нивната неконвенционалност, контроверзноста и противењето на наметнатите општествени норми.
Разговаравме со Сандра Шевандо, стилистка на винтиџ облека и колекционерка на винтиџ мода, и кураторот на изложбата Драган Христов, дизајнер и сопственик на модниот бренд Лудус, еден од ретките што прави пробив на интернационалниот пазар.
Сандра Шевандо
Подготвувате настан што е навистина интересен и за досега необработена тема за Субверзивните „лоши“ девојки од филмската историја, поточно од 60-тите години наваму. Како се одлучивте за темата, што ве привлече, како го осмисливте настанот?
По покана на организаторите на Синдејс, кои ја согледаа поврзаноста на мојата работа со и филмската костимографија, бев повикана моите лични фасциниции од винтиџ парчиња и костимите што веќе ги имав во мојата колекција да ги прикажам како дел од придружната програма на овогодинешното јубилејно издание на Синедејс.
Темата и концептот на оваа костимографска инсталација со наслов „Лошите девојки од филмовите“ ја развивавме подолг период и го баравме соодветниот формат. Концептот произлегува од мојот личен избор на филмови, мојот естетски универзум и костимите што овие девојки ги носеле кои се блиску до мојот сензибилитет и карактер.
Што е она што ги издвојува ликовите на кои се фокусирате и колку модата сметате дека ги изразува нивните ставови и размислувања со оглед на тоа што се работи за нековенционални и контраверзни ликови? Какви им се одликите, каков им е стилот, за какви модни парчиња станува збор?
Мојот избор на филмови го направив врз база на моите омилени ликови од филмовите што отсекогаш ме интригирале. Тоа се бунтовни девојки од филмови на режисери чија естетика ја сакам од првото гледање. Овие девојки се најчесто главни ликови што го носат филмот, но тие се и компексни ликови што можат да бидат лесно повредени и понижени исто толку колку што се манипулативни и контроверзни.
Костимите што ги носат во филмовите се култни и лесно препознатливи и придонеле за формирањето на ликовите, а исто така придонеле и за менување на модата во тоа време, диктирале тренд и се инспиративни до ден денес. Мислам на влијанието на костимите на Петра Фон Кант од Фасбиндер или бројните референци на костимот на Кетрин Денев од Ив Сен Лорен во „Убавицата на денот“.
Изложбата ќе биде со различни рекреации на култни филмски костими што ќе опфатат различни формати и визуелизации од „живи слики“, видеа и графички постери до импровизациски настапи на глумци и оживување на познати сцени од филмовите на сцени. Како дојдовте до оваа идеја за претставување и што може публиката да очекува од изложбата?
Настанот е всушност костимографска инсталација во изложбените простории низ Младинскиот Културен Центар, замислена како мултиформатна изложба што вклучува различни начини на претставување на филмски костими. Ова е моја интерпретација на костимите на ликовите на „лошите девојки“ од филмовите од 60-тите до денес и ќе бидат претставени главно на модели што ќе ги ре-креираат сцените од филмовите, а ќе бидат вклучени и звучни, видео инсталации и графички постери, а дел од сцените буквално ќе бидат одиграни од глумци пред публиката.
Што особено ве фасцинира од историјата на костимографијата во филмот и ТВ?
Немам особена поврзаност со одредени периоди во филмската костимографија, мојот личен стил и интерес е еклектичен, не се врзувам за декади и сакам да си играм со различните стилови во модните декади.
Што го одредува вашиот личен стил со оглед на тоа што сте стилистка што работи и живее во Берлин? Кои парчиња ви се омилени, што ве инспирира и насочува во работата? Колку Берлин ве инспирира, какви шанси нуди за развој?
Мојата приказна во модата е поврзана со мојот интерес за парчињата облека, нивните детали, нивната историја и значење. Сакам да работам со луѓе што имале некаква функција во модата и од нив ги набавувам моите винтиџ парчиња. Сметам дека има многу стари парчиња облека на нашата планета што никогаш не стигнале до ниеден консумент, а за мене имаат огромно значење затоа што потсетуваат на периоди во кои живееле моите родители и претставуваат дел од бесконечната човечка креативност што можеби не ја гледаме толку често денес.
Берлин е мешавина од многу различни култури и стилови каде мојот личен стил и селекција на винтиџ парчиња е добро прифатен и интересот е постојан, а самиот град ја поддржува и истакнува оригиналоста.
Драган Христов
Што значи за вас да бидете куратор на изложбата, што ве привлече?
Поканата од тимот на МКЦ да работам на проектот ја прифатив веднаш, затоа што лично секоја работа надвор од моите вообичаени рутини во модната индустрија се предизвик за мене и поудобно се чувствувам во уметничките амбиенти, во музите, галериите и културните институции. Работата на Сандра Шевандо со винтиџ облеката ја знам одамна и сметам дека е особено интересна и од почетокот на конципирањето на проектот до самиот крај беше возбудлива задача за мене да се конкретизира, постави физички и реализира нејзиниот имагинаруим и сензибилитет. Вистинско уживање е да се работи со креативни личности како Сандра, да ѝ помогнам да ги реализираа идеите, а истовремено да не ја врамам во очекувана и банална костимографска изложба.
Кои се главните карактеристики на оваа изложба, каква порака може да се извлече, што ќе претставува за македонската публика ваков начин на претставување на „лошите девојки“ од филмската историја?
Настанот е замислен како костимографска инсталација што вклучува различни формати и го вовлекува посетителот во непосредно физичко искуство директно пред костимите од филмовите. Познавајќи ја Сандра претпоставував дека ќе се работи за субверзивни ликови, ја познавам нејзината посветеност и пасија за модата и чекорите до конечното оформување на листата на филмови и женските ликови што ќе ги обработуваме дојде прилично лесно, но по долги часови на онлајн разговори во месеците пред настанот.
Кои се вашите иснпирации од контроверзните филмски ликови? Дали во развојот на брендот Лудус некогаш сте биле инспириран од некои филмски ликови и нивните костими?
Филмот е составен дел на мојата работа, тој е повеќе од инспирација и костимите не ги обработувам тематски во колекциите на директен и очигледен начин, но, на пример, сликата од костимографијата на ликот на Жилиет Бинош во „Штета“ е секогаш пред мене кога ги работам колекциите и стајлинзите.
Што следно може да очекуваме од Лудус, на што работите моментално?
По овој настан следува подготовка на колекцијата за „Лудус“ за пролет-лето 2023, групната изложба „Slowscapes 5“. Патувања и гостувања со експерименталниот филм од Кумјана Новакова „Терански фрагменти“, како и учества на модни настани, ревии кај нас и во странство.