„Нихон Џи“ фестивалот во Скопје ќе претстави различни аспекти на јапонската култура, како литература, хаику поезија, кинематографија, музика, архитектура, боречки вештини, гастрономија, мода и поп култура, односно аниме, манга, косплеј и видео игри. Фестивалот ќе се одржи на 28 мај во „Јавна соба“, а заинтересираните ќе може да учествуваат на натпревар во „Текен 7“ и косплеј. Околу фестивалот и тоа што ќе го понуди поразговаравме со организаторите од јапан.нет.мк, Билјана Кочоска, Ирма Башеска Ристовска, Стефан Ристовски, Марко Николов и Тања Блажевска.
Како дојдовте до идејата за платформата јапан.нет.мк?
Билјана: Приказната на Japan@mk започна во април 2008 г. Израсна од идејата за слободна култура и еден неделен настан во културниот центар Точка. Започнавме да организираме настани кои ги нарековме Јапанорама, според документарец за Јапонија. Креиравме колаборативен блог со 32 автори кој сè уште постои, a настаните кои ги организиравме вклучуваа презентација на боречки вештини, хаику поезија, јапонска флејта, калиграфија и оригами работилници, проекции на јапонски филмови, документарци, презентации, изложби, косплеј, церемонија на чај. Од таа заедница произлезе и подгрупа наречена „Манганација“ која подготвуваше сканлација на манга стрипови на македонски јазик. Вкупно имавме одржано околу 30 настани до 2011 година и 22 глави преведена манга. Тогаш се оформи нова група организатори, чиј дел беа и дел од денешните оранизатори на фестивалот.
Што претставува Нихон Џи фестивалот, каков е концептот кога се одржува, кој може да учествува?
Нашата желба е да ја зацврстиме заедницата. Сакавме косплеери и хаику поети, гејмери и вљубеници во церемонија на чај, уметници и практиканти на боречки вештини, аниме фанови и архитекти, сите да се соберат на исто место, да се разменат знаења и искуства, да се распукаат ограничените социјални кругови и да се направи едно вмрежување кое ќе делува позитивно на сите. Нашата главна цел е создавање заедница, спојување на интереси, размена на идеи и инспирации, естетика и длабоки концепти кои оваа култура ги нуди и сите нè фасцинира на посебен начин. Што се однесува до пријавувањето, овој настан е веќе затворен, освен повикот за косплеј, но сепак, ќе имаме слични вакви настани уште оваа година. Во тој контекст, сите заинтересирани може да ги следат нашите постови на социјалните платформи и да не контактираат преку Facebook или Instagram профилот, како и веб сајтот сите со иста адреса japan.net.mk
Кој може да учествува на фестивалот?
Имаме над 17 уметници и илустратори, 4 модни дизајнери, 7 хаику поети, професори, критичари, технолошки експерти, околу 48 гејмери, љубители на стратегиски игри и очекуваме голем број косплеери. Ќе имаме работилници за специфични јапонски занаети; три посебни трибини, со по три учесници, и 5 доџоа. Исто така ќе имаме продажен дел со суши, јапонски чаеви, стратегиски друштвени игри, јапонски книги и манга стрипови, рачни изработки со јапонски мотиви, аниме фигури. Имаме музички избор на јапонска музика, диџеј сет и караоке настан. Сите учесници ќе бидат поставени на нашиот сајт и на сите ќе им се одвои посебно место на нашите профили на социјалните медиуми.
Што е она што најмногу ве привлекува кон јапонската култура и општество?
Билјана: Како дете гледав една документарна серија за религијата во Jапонија и заклучокот на крај беше дека Јапонците си ја користат секоја религија за различни потреби, пр. се венчаат на христијански начин, се погребуваат на будистички, низ секојдневието си го користат шинтоизмот. Јапонците знаат да прифатат секакво културно влијание, да си го реобликуваат во нешто оригинално вклопено во нивното општество, и тоа повторно да го вратат на светот како нивно уникатно културно влијание. За ова има примери во модата, во уметноста, во филмот и во секојдневно живеење.
Исто, отсекогаш ме воодушевувала леснотијата на вклопување на развиената технологија во нивното секојдневие што за мене значело дека тие се единствените што живеат во сегашноста, цел останат свет си тапка во минатото. Ова може да се види и од нивните филозофски концепти за целосно живеење и ценење на моментот, почитување на пролазноста и несовршеноста на нештата и целосното прифаќање на одговорноста за својот живот и општеството како целина.
Ирма: Мојата прва средба со јапонската култура беше уште кога бев дете. Моите родители, уметници, имаа книги со јапонски принтови од Едо периодот за кои паметам дека со часови седев и ги анализирав. Но, за прв пат почувствував поголема желба да се внесам во тој свет кога го изгледав филмот „Соништа“ на Куросава, а веќе во средношколските денови развив вистинска опсесија со јапонската рок музика и visual kei стилот.
Речиси е невозможно да започнам со набројување на сите аспекти од јапонската култура кои ме фасцинираат и причините за нив. Тоа би траело со часови. Но можам со сигурност да потврдам дека во мојот случај, јапонската традиција, природа, архитектура, музика, историја, театар и кинематографија отсекогаш повеќе ме фасцинирале од поп-културата. Колку и да е неочекуван податок, ниту сум аниме фан, ниту пак ме привлекуваат јапонските видео игри.
Мојата посета на Јапонија само ја зацврсти мојата љубов кон оваа земја, која без разлика на своите недостатоци и маани, како и начин на живот кој не би можела да го прифатам за себе, сепак засекогаш ќе остане локација каде би се враќала секоја година доколку е возможно.
Кои се најголемите митови за јапонското општество и култура кои очекувате да ги разбиете со фестивалот Нихон Џи?
Ирма: Нихон Џи има за цел да прикаже повеќе аспекти од јапонската култура и да го пренесе совршениот микс на традиционалното и модерното од Јапонија во Македонија, потсетувајќи ги луѓето дека оваа земја е сè уште многу повеќе од аниме, манга и видео игри.
Една од трибините на настанот ќе биде посветена токму на разбивање на предрасудите што западот ги има за јапонскиот начин на живот. Тоа значи рушење на негативните стереотипи, но исто така и де-идеализација, затоа што не постои нешто како совршено општество. Ќе се обидеме да прикажеме една реалистична слика за Јапонија, преку искуства на луѓе кои живеат таму, живееле, или само ја посетиле.
Интересни факти за организаторите:
Билјана Кочоска: Магистер по нови медиуми и комуникација, маркетинг специјалист. Киберпанк фрик, и горд weeb. Ужива во mono no aware литература, и ефемерноста на постењето.
Ирма Башеска Ристовска: Новинарка, копирајтерка и сценаристка со пасија за фотографија. Љубителка на јапонската кинематографија која може да живее на мочи-диета до крајот на животот.
Стефан Ристовски: Инженер по индустриски дизајн, но се занимава со графички. Фанатик по јапонска традиција и поп култура. Прави најдобро аматерско суши!
Марко Николов: Back-end девелопер. Љубител на јапонската традиција и поп култура. Живее со Game Boy во рака од 5-годишна возраст и опсесивно слуша јапонска city pop музика.
Тања Блажевска: Лингвист. Обожава аниме, ј-рок, ј-поп и к-поп, а во слободно време пишува fanfictions.