Во годината кога одбележува една деценија од своето основање, едукативната платформа Brainster го најавува својот досега најголем јавен настан: прва конференција посветена на вештачката интелигенција (AI), што ќе се одржи на 3 јуни 2025 година во просториите на Diamond Residence Carat West Office во Скопје.
Brainster, познат по својата работа на полето на практичната едукација во ИТ, дизајн и data science, во изминатите 10 години прерасна во една од водечките едукативни институции во регионот. Со цел да го одбележи својот јубилеј и да отвори ново поглавје, организацијата фокусирана на современи технологии ја иницира оваа AI конференција, во време кога прашањата поврзани со вештачката интелигенција сè повеќе стануваат дел од секојдневието – и во бизнисот, и во образованието, и во јавната дебата.
AI: технологија што го менува светот
Вештачката интелигенција е една од најреволуционерните технологии на денешницата. Од автоматизација на индустриски процеси, преку анализи во финансии и медицина, до креативна работа и пишување содржина – AI ја преобликува начинот на кој работиме, учиме и живееме. Но, нејзиниот брз развој носи и многу отворени прашања: како ќе се променат работните места? Кои професии ќе исчезнат? Како да се подготвиме како општество?
И токму на овие теми ќе се осврне првата AI конференција на Brainster, која ќе ги собере на едно место истражувачи, инженери, претприемачи и ентузијасти од областа.
Програма на настанот – 3 јуни 2025
- 18:50 – Отворање: Јана Тодоровска, Head of Partnerships @ Brainster Group
- 19:00 – Предавање: Wall Street vs. The Machine – PhD George Fatouros, CTO @ Alpha Tensor Technologies
- 19:20 – Панел дискусија: Како да се подготвиме за ерата на вештачката интелигенција
- Модератор: Петар Ниновски, основач на Brainster
- Учесници: експерти од академијата, индустријата и стартап сцена
- 20:10 – Предавање: AI in Manufacturing – James Dalton, Johnson Matthey
- 20:30 – Предавање: Beyond Chatbots: How the Journey to AGI Will Redefine What It Means to Be Human – PhD John Soldatos
- 20:50 – Предавање: The Future of Work – Петар Ниновски
- 21:10 – Неофицијален дел: Networking и дружење со говорниците и учесниците
Учеството е бесплатно – со ограничени места
Конференцијата е бесплатна за сите заинтересирани, но бројот на физички присуства е ограничен на 100 лица. За останатите, достапна е и онлајн опција за следење преку live stream. Пријавувањето е задолжително преку официјалната веб-страница на Brainster.
Повеќе информации и регистрација:
- За online следење: линк за livestream
Настанот претставува одлична можност за сите што сакаат да се информираат, вмрежат и инспирираат од врвни професионалци на теми кои наскоро ќе бидат клучни за секоја индустрија.