Германскиот фриленс фотограф, Дитер Клајн, патувал низ многу локации во Европа и САД за да најде и да слика напуштени автомобили кои изгледаат како музејски експонати со силата на природата над нив. Ги наоѓал во запуштени и неуредни дворови, валкани штали, полиња и длабоки шуми.
Со овој проект започнал сосема случајно додека возел велосипед и налетал на напуштен автомобил во Франција, близу до градот Коњак. Се почувствувал како во илустрација од бајка, бил заинтригиран и воодушевен па така почнала долгата потрага. Кон сцените со автомобили се однесувал како да се во музеј, ретко ги допирал автомобилите освен понекогаш да отвори врата. Неговите патувања резултирале со 160 фотографии од некогашните гламурозни и класични автомобили кои сега потпаднале под моќта на природата. Најстар автомобил што го фотографирал е Ford модел од 1907 година во мал град во Невада.
Најомилена фотографија му е од розевиот Dodge од 1960 година што го нашол до една напуштена куќа во поле во Монтана. За овој автомобил разговарал и со 70 годишниот сопственик. Сопственикот му раскажал дека автомобилот припаѓал на татко му кој го паркирал така пред куќата два дена пред да почине. Сопственикот оттогаш, од 1977 година не го користел имотот, куќата и автомобилот, па сето тоа останало како сцена од сеќавање.
По неколку обиди да ја долови вистинската сцена од автомобилот зависно од временските прилики, најдобрата шанса му се пружила по зајдисонце, со нежна светлина која и облаците ги направила розеви.
„Во еден момент се создаде надреалистична сцена, чудна, мирна, тивка…“, вели фотографот.
На неговите патувања, меѓу другите, сликал и набиено Porsche, избледен Cadillac, смачкана VW буба, како и цел возен парк од напуштени воени автомобили.
Извор: BBC
Фотографии: TeNeues