Уметникот Дејвид Стоилковски @molerajj од Куманово стои позади голем број мурали нацртани низ Македонија и надвор од земјата, како на пример култниот мурал во чест на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески заедно со делото „Тишина“ во Скопје. Тој има дипломирано на Академијата за ликовни уметности, а моментално е на магистерски студии по сликарство кај Јован Шумковски. Најмногу сака да црта мурали и графити или да создава уметност на платно, но се занимава и со други техники и правци кои ги нуди уметноста. Бил на повеќе групни изложби во Македонија и Хрватска и е коорганизатор и учесник на графити фестивали во Куманово. Мурали има цртано како во градовите низ Македонија така и во Америка, Австрија, Црна Гора, Србија.
Како започнавте со цртање мурали, од каде наоѓате идеи и инспирација?
Со сликање мурали започнав по еден долг период од цртање графити, кога под влијание на изучување на уметничките правци во текот на студиите фасциниран од различните правци и техники низ историјата сакав да се фокусирам на нешто поконкретно и сериозно кое бара повеќе труд, време, идеја, концепт, истрајност. Идеи и инспирација наоѓам од секојдневниот живот околу мене, од доброто и лошото во животот, од мноштвото на последни настани поврзани со нормалното (не)живеење на луѓето, од моите дома и од самостојно истражување и љубопитност за барање на сопствен стил од мурал во мурал.
Кој мурал досега ви претставувал најголем предизвик? На кои места низ Македонија може да се најдат вашите графити и мурали?
Најголем предизвик ми претставуваше муралот на поштата во моето маало Перо Чичо во Куманово кој е изработен од сите четири страни на градбата во сред лето на високи температури. Од една руинирана фасада и лош лик на поштата денеска има сосема нова и убава приказна. Низ Македонија најмногу графити и мурали имам направено во родното Куманово каде што сум и најчесто со работа, време, живеење, потоа тука се Скопје, Кочани, Крива Паланка, Охрид, Велес-Чашка, Прилеп.
Дали сметате дека преку уличната уметност може да се споделат полесно општествени пораки и да се покаже креативност во заедницата и општеството?
Да секако, на некој начин муралите се прават на видни места, секако нема правила ама се тежнее барем секој автор своето дело да го претстави на видна површина за да може да комуницира со публиката што восприема и да даде некоја порака дали е тоа за човештвото за општеството, околината, и слично. Но морам да кажам дека има и мурали со сосема лично гледиште на авторот односно претставување на сопствен стил по кој луѓето ќе го препознаат и може да си го толкуваат во свој правец што е сосем нормална работа.
Колку време и ресурси се потребни да се нацрта еден мурал? Каков е процесот на креација, од идеја до цртање на ѕид?
Ако зборуваме за сериозен мурал од повеќе метри квадратни кој сам по себе е сериозна работа временски може да трае со денови, недели, а од ресурси се потребни бои. во зависност кој како милува да работи, дали е со акрилни бои и четка или е со спреј, потоа дигалка, скеле и лична волја и фокус од авторот на муралот. И финансиските ресурси играат важна улога во спроведување на реализацијата. Процесот на креација е претежно пренесување на идејата од скица од таблет, телефон, лист на ѕид и константа работа на муралот додека не се заврши. Но најпрво треба да имаш слика во глава и завршна слика од ѕидот во твојата глава и да се придружуваш до битните линии на скицата која ја пренесуваш.
Каде во светот би сакале да нацртате мурали?
Сигурно можам да кажам дека тоа се поголемите европски и светски градови кои имаат поголем слух за ваквата уметност и муралите се повеќе барани таму. А ако конкретно би издвоил тоа е секако Шпанија која е меѓу поразвиените земји во однос на мурали, стрит арт култура и имаат некој сопствен посебен начин во изработката на муралите.
Уличната уметност ја претставува оригиналноста и креативноста на младите артисти низ светот и е често олицетворение на општествените промени во една заедница. Колку сметате дека кај нас е развиена уличната уметност?
Кај нас сè уште не е развиена уличната уметност на она ниво кое што ние го знаеме надвор од границите на Македонија, а и го посакуваме. Но благодарение на самите нас уметници, муралисти, артисти итн полека ја подигнуваме на некое солидно ниво таа сцена но искрено најмногу ни треба финансиска помош за да многу повеќе се збогатуваат улиците, зградите, фасадите со нови дела.
Исто така ќе кажам дека со текот на времето луѓето нè признаваат и препознаваат зашто веќе знаат што правиме. Порано кога цртавме графити почесто со другарите се криевме, пазевме на многу работи ама секако тоа беше и убавото во тоа вандалистичко реагирање од наша страна. Но, денеска и во сред бел ден да се исцрта некој графит мислам дека нема да имаме никаков проблем затоа што имаме доста големо портфолио позади нас со кое може да кажеме дека не нарушуваме ништо и дека само правиме да биде подобро за сите луѓе кои живеат на тоа место на кое цртаме, сликаме итн.