Во време кога медицината сè повеќе се движи од реактивен кон проактивен пристап, д-р Наталија Трпчевска припаѓа на новата генерација научници и доктори кои го редефинираат начинот на кој го разбираме здравјето.Со професионален пат што води од Скопје, преку Karolinska Institutet, до соработки со Harvard и Caltech, денес таа е ко-основач и медицински директор на AYUN Longevity Clinic во Швајцарија. Нејзиниот фокус е на пресекот помеѓу генетика, хормони и начин на живот ,со посебен акцент на комплексноста на женското здравје.
Во ова интервју, зборуваме за персонализираната медицина, за телото како интегриран систем и за тоа што навистина значи да се живее долго и квалитетно.
Вашата професионална патека ве води од Скопје до некои од најреномираните научни и медицински институции во светот. Како го доживувате тој развоен пат денес, со дистанца и искуство?
Кога гледам наназад, не го доживувам тоа како „совршено испланирана патека“, туку како серија одлуки водени од љубопитност. Почнав во Скопје, продолжив со медицина во Бугарија, потоа со PhD по геномика на Karolinska Institutet во Шведска, соработки со Harvard и Caltech, а денес сум ко-основач и медицински директор на Longevity Clinic AYUN во Швајцарија. Но, највредното не е каде сум работела, туку како научив да размислувам. Во добрата наука не бараш брзи одговори, туку поставуваш подобри прашања. Тоа ми покажа колку медицината често третира симптоми изолирано, наместо да ја разбере физиологијата како целина. И дека знаењето има вредност само ако е применливо.


Како доктор по медицина и научник во областа на геномиката, што ве привлече кон истражување на комплексноста на женското здравје?
Искрено, не беше тоа момент на инспирација, туку препознавање на празнина. Голем дел од медицината сè уште не ја рефлектира женската физиологија во целост. Во пракса, женското здравје често се третира фрагментирано, симптом по симптом, наместо како поврзан систем. Од научна перспектива, тоа нема смисла. Метаболизмот, хормоните и нервниот систем се длабоко поврзани. Геномиката ме научи да го гледам телото како мрежа на процеси. И мислам дека токму тоа недостига денес, не повеќе информации, туку подобра интерпретација.
Работите на пресекот помеѓу генетика, хормони и начин на живот. Колку современата медицина навистина го третира телото како интегриран систем, а не како збир на изолирани состојби?
Современата медицина сè уште често го третира телото како збир од изолирани системи. На пример, полицистичните јајници не се само репродуктивен проблем, туку и метаболички. Инсулинската чувствителност директно влијае врз овулацијата. Истото важи и за сонот и стресот, преку кортизолот тие влијаат на хормоналниот баланс, дури и кај жени со редовен циклус. Проблемот е што овие сигнали често се нормализираат. Мојот пристап е спротивен: да ги поврзам во една физиолошка слика и да ги користам како рани индикатори.


Вашата програма за женско здравје е иновативен пристап во Европа. Во што е нејзината специфичност и што ја издвојува од традиционалните медицински модели?
Разликата не е во тестовите, туку во начинот на кој ги поврзуваме. Во традиционалниот модел, грижата е фрагментирана. Нашиот пристап започнува со прашањето „Зошто?“. Користиме подлабока дијагностика: генетика, метаболички и хормонални анализи, како и посовремени анализи. Со континуиран мониторинг на глукоза гледаме како телото реално реагира на храна, а со HRV анализа добиваме увид во нервниот систем, опоравувањето и квалитетот на спиењето. Но, клучот е во интерпретацијата. Ги интегрираме податоците во јасен и применлив план. И, најважно, симптомите ги третираме како сигнали, а не како изолирани проблеми.
Колку персонализираната медицина ја менува улогата на пациентот? Дали од пасивен примач на терапија преминува во активен учесник во сопственото здравје?
Да, но не автоматски. Традиционалниот здравствен систем во голема мера е реактивен, чека нешто да тргне наопаку, па потоа реагира. Персонализираната медицина има потенцијал да ја промени улогата на пациентот, од пасивен примач на терапија во активен учесник. Но, тоа не се случува само со повеќе податоци или повеќе тестови. Информацијата сама по себе не создава промена. Интерпретацијата и разбирањето-да. Она што го гледам во пракса е дека кога луѓето конечно ќе разберат што се случува во нивното тело и зошто, однесувањето природно се менува. Одлуките стануваат полесни, затоа што не се базирани на правила, туку на разбирање. Во исто време, живееме во ера на трендови: интермитентен пост, ладни бањи, различни диети кои често се претставуваат како универзални решенија. Но, она што функционира за една личност, може да биде неутрално или дури контрапродуктивно за друга. Затоа, вистинската промена не е само во персонализацијата на терапијата, туку и во персонализацијата на разбирањето. Тогаш пациентот станува партнер.
Во вашата клиничка пракса се среќавате со жени од различни средини. Дали постојат универзални обрасци во начинот на кој жените се однесуваат кон сопственото здравје?
Да, и тие се изненадувачки конзистентни. Жените често ги минимизираат симптомите и ги прифаќаат како нормални. Во исто време, телото има силна адаптабилност, што го замаглува моментот на дисбаланс. Дополнително, здравјето често станува секундарно во однос на обврските. Но, паралелно со тоа, постои и нешто многу позитивно: силна желба за разбирање на себе самата. Кога една жена ќе добие јасна слика за тоа што се случува во нејзиното тело, мотивацијата за промена е многу висока. Затоа, фокусот е на препознавање и разбирање, а не само на интервенција.
Кои се најчестите аспекти од здравјето што жените ги занемаруваат, не од незнаење, туку од навика или приоритети?
Најчесто не станува збор за големи и сложени работи, туку за основи што се игнорираат постојано и доследно. Сонот, не само времетраењето, туку и квалитетот. Метаболизмот, дури и кај „здрави“ жени постојат скриени нарушувања што директно влијаат на хормоните. Исхраната и тренингот, недоволен внес и премногу кардио тренинзи создаваат дополнителен стрес. И, најважно, се игнорираат суптилните сигнали, а токму тие се најраните индикатори. Разликата помеѓу краткорочен резултат и долгорочно здравје е во тоа дали ги препознаваме.
Денес терминот longevity се користи сè почесто. Како вие го дефинирате концептот на квалитетно и одржливо стареење?
Longevity не е живеење подолго, туку зачувување на функцијата. Квалитетното и одржливо стареење значи зачувување на функцијата — не само отсуство на болест. Тоа значи телото да ја задржи својата способност за движење, сила, метаболичка стабилност, когнитивна јасност и хормонален баланс низ годините. Она што е клучно е дека овие процеси не се случуваат нагло. Стареењето е постепен процес што започнува многу порано. Затоа фокусот е на долгорочна стратегија и разбирање на физиологијата. Прашањето не е колку долго живееме, туку во каква состојба функционираме, дали ќе имаме енергија, сила и јасност да продолжиме да се движиме, да работиме, да создаваме и да уживаме во животот на ист начин како и денес.
До кој степен науката може да влијае врз процесот на стареење, а каде започнуваат личниот избор и одговорноста кон сопственото здравје?
Науката може многу, но не го заменува изборот. Седумдесет до осумдесет проценти од водечките болести се поврзани со начинот на живот. Тоа значи дека постои реален простор за превенција и рана интервенција, но и многу поголема одговорност. Науката дава алатки и јасност, биомаркери и сè попрецизни модели на ризик. Но, секојдневните избори одлучуваат што ќе се случи. Не постои технологија што може да компензира за години на недвижење, хроничен стрес или лош сон. Тоа не е поделба, туку партнерство. Науката создава јасност, а одговорноста ја претвора таа јасност во резултат, за да функционираме оптимално, физички и ментално, денес и секој нов ден во текот на целиот живот.
Што ве инспирира најмногу во развојот на современата медицина? Што е она што го гледате како следен значаен исчекор?
Најголемата промена не е во технологијата, туку во начинот на размислување, од дијагноза кон разбирање на процеси. Следниот чекор е интеграција: поврзување на генетика, биомаркери и податоци во една применлива слика. И, можеби најважно, поместувањето од реактивна кон проактивна медицина, од „што лекуваме“ кон „што одржуваме“. Медицината постепено се движи кон тоа да стане алатка за оптимизација на човечкиот потенцијал, а не само за третман на болест.




По долгогодишна меѓународна кариера, што за вас значи можноста да ја споделите вашата работа и знаење со публика во Македонија?
За мене, ова не е само прашање на „споделување знаење“, туку на контекст. По години работа во различни системи, станува многу јасно дека проблемот не е знаењето, туку пристапот и интерпретацијата. И токму тука гледам вистинска вредност во тоа да се зборува со публиката во Македонија. Верувам дека секоја жена, без разлика каде живее, треба да има пристап до знаење и грижа што ѝ овозможува да се чувствува разбрана, поддржана и информирана. И, можеби најважно, верувам дека кога една жена ќе добие јасност за сопственото здравје, тоа ретко останува само индивидуална промена. Тоа влијае на семејството, на околината, на следната генерација. Иако мојата работа има глобален контекст, желбата да придонесам таму каде што се моите корени има посебна тежина.
Ако треба да издвоите една суштинска промена што секоја жена може да ја направи во однос на сопственото здравје, што би ѝ препорачале?
Не би препорачала навика, туку одлука: да не се игнорираат сигналите од телото. Повеќето жени имаат доволно дисциплина, но се навикнати да функционираат и покрај симптомите. Затоа првиот чекор не е совршен план, туку свесната одлука дека на здравјето вреди да му се посвети внимание. Бидејќи биологијата, на одредено ниво, е полесниот дел. Анализите, протоколите, интервенциите, тоа може да се научи и да се примени. Но, ниту еден суплемент, ниту една терапија не функционира долгорочно ако не постои таа внатрешна одлука. Телото секогаш дава сигнали. Кога ќе почнете да ги разбирате, одлуките се менуваат. И тоа е посилно од која било интервенција.

