Вечерва (28 мај, среда) со почеток во 21:00 часот, во Галерија 2 на Младинскиот културен центар (МКЦ) ќе биде отворена изложбата „Часови без часовник“, поврзана со истоимената поетска книга на Владимир Мартиновски. Поставката опфаќа 15 дела во комбинирана техника на хартија, кои функционираат и како визуелни интерпретации на сонетниот венец од новообјавената стихозбирка во издание на Арс Ламина (2025).
Изложбата ќе биде отворена со поетско-музичка изведба на делови од сонетниот венец, во која ќе учествуваат авторот Владимир Мартиновски, поетесата Билјана Стојановска и гитаристот Дарко Багески.
Владимир Мартиновски, универзитетски професор по општа и компаративна книжевност и актуелен декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, е еден од најплодните современи македонски автори. Зад себе има објавено единаесет поетски книги за возрасни, три стихозбирки за деца, четири книги проза (хаибуни, раскази, куси прози), како и десетина антологии и дванаесет теориски и есеистички книги.
Неговата поезија е преведена на над дваесет јазици, со објавени десетина странски избори, а добитник е на повеќе награди за поезија, расказ и книжевна критика.
Изложбата „Часови без часовник“ претставува негово второ самостојно визуелно претставување, по минатогодишната „Звучни слики“, каде беше истражуван односот меѓу музиката и сликарството. Овојпат, фокусот е поставен на врската меѓу поезијата и визуелната уметност, носејќи еден целосен поетско-ликовен доживувачки слој.
Изложбата ќе биде отворена до 4 јуни.