Во атмосфера исполнета со прекрасни мириси, разговори и љубопитност, пред неколку дена во винаријата Камник се одржа гала настан организиран од Boudoir парфимеријата и компанијата Matoss Cosmetics. Настанот собра љубители на парфемите, клиенти и пријатели на брендот, а гостите имаа ретка можност лично да разговараат со Philip Birkholz, сопственик и парфумер на ниш парфумската куќа Birkholz Perfume Manufacture.
Со многу голем ентузијазам, Philip зборуваше за својата визија за современата ниш парфимерија, за приказните зад неговите мириси и за начинот на кој емоциите и сеќавањата се претвораат во мирисни композиции. Брендот Birkholz, создаден како семејна приказна во Германија, денес е препознатлив по својот препознатлив стил, квалитетната изработка и вниманието кон деталите.Со Philip разговаравме за границата меѓу личното и брендот, за тоа како се создава мирис што може да стане дел од нечии спомени и за иднината на ниш парфимеријата во време кога автентичноста и одржливоста стануваат сè поважни.
Birkholz го носи Вашето име, што го прави брендот длабоко личен. Каде завршува Philip, а каде започнува Birkholz?
Тешко е да се повлече јасна граница меѓу двете. Искрено, не можам да кажам дека Philip завршува на едно место, а Birkholz започнува на друго. Двете постојано се преплетуваат. Брендот е одраз на мојата личност, на мојата енергија и начин на размислување, но истовремено е и многу повеќе од една личност. Birkholz е и семејна приказна. Зад него стојат моите родители и мојот помлад брат, секој со своја улога и одговорност. Јас сум оној што ја носи креативната енергија, ги осмислувам концептите, приказните и идеите зад мирисите. Но вистинската сила на брендот е во тоа што е изграден врз заедничка страст и доверба. Токму затоа Birkholz има свој идентитет и карактер што постои и надвор од мене.
Парфимеријата често се смета за најинтимната форма на уметност, затоа што живее во сеќавањата, а не во видливото. Како пристапувате кон создавање мирис што може да стане дел од нечии лични емоционални спомени?
За мене парфемот секогаш е поврзан со емоции и сеќавања. Мирисите имаат ретка способност да нè вратат во одредени моменти од животот, во детството, во првата љубов или во некој важен спомен. Понекогаш е доволна една нота на ванила за да се појави слика од детството, од кујната на баба и божиќните колачиња. Некој друг мирис може да нè потсети на љубов, радост или дури и на меланхолија. Кога создавам парфем, размислувам не само за композицијата, туку и за чувството што таа треба да го разбуди. Мирисот станува вистински посебен тогаш кога луѓето ќе се препознаат во него, кога ќе разбуди некое нивно лично сеќавање или ќе стане дел од ново.




Во време кога луксузот сè почесто ја губи својата ексклузивност поради масовното производство, што за вас претставува вистински луксуз денес?
Денес зборот луксуз се користи многу лесно. Особено во светот на ниш парфемите, каде терминот „ниш“ постепено се прошири и понекогаш ја губи својата суштина. За мене вистинскиот луксуз не е само производот, туку целото искуство што го опкружува. Тоа е можноста да ја запознаете приказната зад брендот, да знаете кој го создава мирисот, каде се произведува и со каква посветеност. Луксуз е вниманието кон деталите, квалитетот на состојките, прецизноста на изработката и искреноста на приказната. Кога човек ќе почувствува дека зад еден парфем стои вистинска страст и карактер, тогаш луксузот добива вистинска вредност.


Кога создавате нов мирис, кој е првиот импулс што веводи, приказна, состојка или емоција?
Секој парфем започнува на различен начин. Понекогаш прво се појавува мирисна комбинација што веднаш создава чувство или атмосфера. Другпат процесот започнува со приказна, со некое место или со одредена емоција. Создавањето парфем е многу интуитивен процес. Мирисот и приказната постепено се развиваат заедно. Понекогаш тоа трае неколку недели, а понекогаш и години, бидејќи постојано се враќам на композицијата и ја доработувам. Знам дека мирисот е готов во моментот кога ќе почувствувам дека сè е во рамнотежа, кога композицијата има свој карактер и природна хармонија.
Германската занаетчиска традиција е позната по прецизност и структура, додека парфимеријата бара емоционална интуиција и флуидност. Како ги усогласувате овие две димензии во вашиот креативен процес?
Во мојата работа тие две димензии природно се надополнуваат. Германската традиција носи дисциплина, прецизност и почит кон квалитетот, вредности што се суштински во секој дел од производството. Но парфимеријата бара и интуиција, чувствителност и креативна слобода. Во мојот случај, тие два света се спојуваат многу природно. Моето потекло е комбинација од различни култури, и токму таа мешавина создава баланс помеѓу структурата и емоцијата. Верувам дека најдобрите мириси настануваат токму во таа рамнотежа.
Мирисот е невидлив, но силно влијае врз начинот на кој ги доживуваме луѓето и нивниот идентитет. Каква улога, според вас, има парфемот во современото самоизразување?
Мирисот има неверојатна психолошка сила. Кога ќе запознаеме некого, нашето чувство за мирис многу брзо создава впечаток, често пред свесно да го забележиме тоа.Парфемот може да стане продолжение на личноста. Тој го нагласува карактерот, расположението или стилот на една личност. Некогаш сакаме нешто суптилно и свежо, другпат нешто смело и впечатливо. На некој начин, парфемот е како невидлива аура што го придружува човекот, тивок, но многу личен дел од неговиот идентитет.
Во време кога одржливоста и индивидуалноста стануваат важни културни вредности, како ја гледате иднината на ниш парфимеријата во следната деценија?
Верувам дека иднината на ниш парфимеријата ќе биде сè повеќе поврзана со автентичноста и одговорноста. Луѓето денес сакаат да знаат од каде доаѓа производот, како е создаден и дали брендот работи со почит кон природата.Ние веќе правиме конкретни чекори во таа насока, користиме обновлива енергија во производството и овозможуваме празните шишиња повторно да се наполнат, наместо да се фрлат. Можеби не постои едно големо решение што ќе го промени светот, но многу мали, свесни одлуки можат да направат вистинска разлика. Токму тие вредности, автентичноста, квалитетот и одговорноста, ќе ја обликуваат ниш парфимеријата во годините што доаѓаат.



