Градовите ширум светот ја преиспитаа безбедноста во рамки на пандемијата со Ковид-19, а петте најсигурни градови за 2021 година според индексот на „Economist Intelligence Unit“, се Копенхаген, Торонто, Сингапур, Сиднеј и Токио.
Рангирањето опфаќа 60 градови низ светот, а оценувањето се вршело според 76 безбедносни фактори во инфраструктурата, дигиталниот живот, личната сигурност, фактори во животната средина и секако здравјето – со подготвеност за пандемија и морталитетот од Ковид 19 од оваа година.
Сите градови на врвот на индексот имаат фактори кои илустрираат како безбедноста е во корелација со силното чувство на социјална кохезија, инклузија на населението и доверба во социјалниот систем.
Копенхаген
Рангиран на врвот на листата, главниот град на Данска најмногу поентираше поради индексот на безбедност на животната средина, што ги мери одржливоста (вклучувајќи и обновливи енергетски извори), квалитет на воздухот, менаџирање со отпадот и зеленило во градовите. Зеленилото и парковите имаа особено влијание со тоа како градот и неговите жители се справија со пандемиските рестрикции, кои се целосно тргнати од минатиот месец. Духот на заедницата во земјата, најдобро сумиран со данскиот збор samfundssind, исто така им овозможи на жителите да работат заедно и да веруваат еден во друг – вклучувајќи ја и довербата кон државните институции – за да се создаде побезбедна средина. Во ваков случај и не е чудно што Данска е рангирана за една од најмалку корумпираните земји. Копенхаген спроведе и бесплатно масивно тестирање за Ковид 19 кое сè уште е достапно дури и за туристи.
Торонто
Најголемиот град во Канада е второрангиран со силни оцени во инфраструктурната безбедност и безбедноста на животната средина. Жителите тоа го препишуваат на инклузивната култура со комуникација помеѓу заедниците, особено кога станува збор за вакцинација и посвојување. Локалците исто така се чувствуваат безбедно и поради долгата историја на Торонто како мултикултурен град каде е многу нормално да не сте родени во Канада. Многу жители од различни етнички и културни групи не живеаат одделено туку комуницираат интензивно едни со други. Една типична група на луѓе најчесто се состои од различни етникуми, различни сексуални ориентации и различни религии, што го прави Торонто доста отворен и безбеден град за сите.
Сингапур
Сингапур ја искористи дигиталната, инфраструктурната и здравствената сигурност за да успее брзо да реагира во првите денови од пандемијата, со дигитално мониторирање и трагање по контакти.
Пред да влезат во било какви објекти граѓаните мораа да подлежат на безбедносно чекирање преку токенот TraceTogether што им овозможи на властите да ги најдат индивидуалците кои биле во контакт со заразени за да може да се спроведат карантински мерки и да се разбие трансмисијата. Истиот токен требаше да биде инсталиран од туристите кои влегуваат во земјата. Работењето од дома стана стандард на повеќето работни места, а туристичките атракции и шопинг моловите имаа ограничени капацитети, а посебни безбедносни чувари беа задолжени за мониторирање дали граѓаните ги почитуваат здравствените мерки.
Сиднеј
Австралија беше меѓу првите земји кои целосно ги затворија границите за време на пандемијата и одржуваше строги карантини со растот на случаите. Стапката на смртност во Австралија е една од најмалите во светот, а како што вакцинацијата се доближува до 70% така се очекува и рестрикциите да се укинат и границите да бидат отворени во ноември. Освен заштитата од пандемијата, граѓаните во Сиднеј чувствуваат и лична сигурност секогаш кога шетаат низ градските улици, а градот е исто така рангиран и прв на листата по дигитална сигурност, што вклучува и паметни градови. Сиднеј има имплементирано веќе неколку практики за паметен град, како ChillOut места на отворено каде граѓаните може да се соберат под паметно осветлување, да се приклучат на ви-фи мрежа и да ги наполнат своите електрични уреди.
Токио
Главниот град на Јапонија е рангиран на петто место, но е прв по здравствена заштита. Иако за време на Олимпијадата бројот на случаи се зголеми, како вакцинацијата се ближи до 60 проценти така и случаите рапидно се намалуваат. Јапонија најави и охрабрување на граѓаните да ги користат своите вакцинални пасоши за влегување во медицински установи и големи настани, па дури и да ги охрабри бизнисите да нудат попусти или купони на тие што имаат вакцинални пасоши. Во однос на инфраструктурната безбедност Токио се рангираше доста високо поради тоа што е пешачки настроен град, поврзан со железница, а со тоа доаѓа и ангажираност на заедницата во превенција на криминалот и поделена одговорност помеѓу граѓаните и властите. Граѓаните велат дека постои голема почит кон добросостојбата на другите, па така скоро и невозможно е да се изгуби некоја лична работа во Токио, а градот располага и со многу центри за изгубено-најдено.
Извор: BBC