Почетокот на годината секогаш носи одредено смирување во модата. По сезоните на нагласени трендови и визуелна врева, вниманието повторно се враќа кон формата, материјалот и начинот на кој едно парче се вклопува во секојдневието. Кај торбите, тоа значи помалку експерименти заради ефект и повеќе промислен дизајн што трае подолго од една сезона. Овие пет модели се издвојуваат токму поради таа рамнотежа – современи се, но не се наметливи.
Loewe Puzzle Fold – дизајн што се прилагодува
Со Puzzle Fold, Loewe продолжува да го развива својот најпрепознатлив модел, но во посуптилна и попрактична насока. Торбата ја задржува геометриската конструкција, но е полесна и помека, со јасен фокус на функционалноста. Ова е модел што без напор се вклопува во различни стилови – од секојдневни до поурбани комбинации – без да tизгледа како моментален тренд.


Miu Miu Wander – мекост и движење
Wander од Miu Miu покажува како женственоста може да се изрази без нагласена сентименталност. Заоблената форма и меката кожа ѝ даваат опуштен карактер, додека дизајнот делува како дел од секојдневието, а не како предмет што бара внимание. Најчесто се појавува во комбинации што изгледаат спонтано, но се јасно промислени – токму во тоа лежи нејзината актуелност.


Bottega Veneta Andiamo – тивка сигурност
Andiamo од Bottega Veneta не се обидува да привлече внимание на прв поглед. Таа е торба што се забележува со тек на време – преку изработката, текстурата и пропорциите. Препознатливото intrecciato плетење и дискретниот метален детал ѝ даваат карактер, но без потреба од лого или визуелна агресија. Ова е модел што го бираат оние што сакаат работите да изгледаат стабилно и промислено.


Prada Buckle Bag – практичност со став
Кај Buckle Bag, Prada игра на сигурна карта: чисти линии, јасна форма и еден доминантен детаљ – металната тока. Торбата изгледа како нешто што може да се носи секој ден, без разлика на сезоната, а сепак има доволно карактер за да не биде обична. Не е наметлива, но остава впечаток на ред и структура, што многумина го бараат токму на почетокот на годината.


Jacquemus Le Bambino – мал формат, јасна идеја
Иако мини-торбите одамна не се новост, Le Bambino од Jacquemus и понатаму се појавува во нови интерпретации. Овој модел не се обидува да биде практичен во класична смисла – неговата вредност е во формата и пропорцијата. Во актуелните изданија, со нови материјали и бои, торбата делува позрело и помалку како тренд, а повеќе како стилска одлука.




