Националната опера и балет со голема чест ја најавува изведбата на оперското ремек-дело „Турандот“ од Џакомо Пучини, што ќе се одржи на 27 мај 2025 година, со почеток во 20:00 часот. Настанот е дел од програмата на 53. издание на фестивалот „Мајски оперски вечери“.
Со оваа раскошна продукција ќе диригира италијанскиот маестро Џанлука Мартиненги, додека режијата, сценографијата и костимографијата се потпишани од еден од најзначајните имиња на светската оперска сцена – Џанкарло дел Монако. Кореографијата е дело на Саша Евтимова, концерт-мајстор е Јане Бакевски, а хор-мајстори се Ѓургица Дашиќ и Јасмина Ѓорѓеска.
Во насловната улога на принцезата Турандот ќе настапи реномираната руска сопранистка Вероника Џиоева. Улогата на Калаф ќе ја изведе кинескиот тенор Ѕ-Жао Гуо, како Лиу ќе настапи Биљана Јосифов, а во улогата на Тимур – Владимир Саздовски. Во останатите улоги ќе се појават: Драган Ампов, Јане Дунимаглоски, Дејан Стоев, Диме Петров и Марјан Николовски, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.
„Турандот“ е опера во три чина компонирана од Џакомо Пучини, според либрето на Џузепе Адами и Ренато Симони, базирана на драмата од Карло Гоци во адаптација на Фридрих Шилер. Останата незавршена по смртта на Пучини, операта подоцна е довршена од Франко Алфано.
Оваа продукција се одликува со раскошна оркестрација, иновативна употреба на хорот и емоционално набиени мелодии, меѓу кои се издвојува и легендарната арија „Никој не спие“ (Nessun dorma) – едно од најпрепознатливите дела во светската оперска литература.
Овој спектакл претставува вистински културен настан кој не смее да се пропушти.