Марија Магдалена Петковска Микаровска е професорка по англиски јазик во средното медицинско училиште во Битола, но нејзината мисија оди далеку надвор од училницата. Таа е и жената зад профилот Ministry of Second Hand и иницијативата Thriftventure – платформи преку кои со страст и посветеност ја шири свеста за одржлива мода, етичка потрошувачка и моќта на second-hand парчињата.
Во време кога брзата мода остава длабок отпечаток врз планетата и свеста на потрошувачите, Марија Магдалена нуди алтернатива што не прави компромис со стилот, туку го збогатува со приказни, карактер и свесен избор. Од првото влегување во продавница за облека од втора рака пред дваесетина години, до денешниот активизам и изградена заедница, нејзината приказна е потсетник дека модата може – и треба – да има душа.
Што ве инспирираше да го отворите профилот „Ministry of Second Hand“ и како се разви идејата за „Thriftventure“?
Сè започна од љубовта кон модата – не само како визуелен израз, туку како алатка за самодефинирање и креативност.Но, со текот на времето, сè почесто се соочував со прашањата за цената што ја плаќаме за брзата мода – еколошки, етички и емоционално. Така се роди идејата за „Ministry of Second Hand“ – платформа која ја слави одржливата мода и приказните што ги носат парчињата облека од втора рака. Целта не беше само да се покажат аутфити, туку да се отвори простор за свесно консумирање, едукација и инспирација, како и давање на опција на секоја жена да набави или да се ослободи од парче облека. За кратко време, профилот прерасна во мала, но ангажирана заедница од околу 4000 луѓе кои ја делат истата вредност: дека стилот нема рок на траење и дека модата може да биде одржлива, без компромис со креативноста. „Thriftventure“ е природно продолжение на таа мисија – концепт што ги комбинира истражувањето, екологијата и стилот. Преку организирани thrifting тури, луѓето не само што учат каде и како да најдат квалитетни second-hand парчиња, туку и како да купуваат и продаваат со свесност, страст и стил.
Кои се најголемите предрасуди што луѓето ги имаат за втората рака облека и како може да се надминат?
Најчестата предрасуда е дека облеката од втора рака е валкана, истрошена или без вредност. Во реалноста, многу од овие парчиња се носени еднаш или воопшто не се носени – често се со оригиналните етикети. Луѓето забораваат дека квалитетната облека не ја губи својата вредност по една носење; напротив, некои second-hand парчиња имаат повисока издржливост и автентичност од fast fashion алтернативите. Друг стереотип е поврзан со социјалниот статус – дека second-hand се купува „од нужда, не од избор“. Денес, се повеќе луѓе се свесни дека одржливата мода е избор на вредности, не на компромис.
Клучот за надминување на овие предрасуди е едукацијата и визуелната инспирација. Кога ќе им покажеш на луѓето како изгледаат second-hand аутфити во пракса – модерни, стилски, со карактер – тие почнуваат да го менуваат својот став. Убавиот стајлинг, искрената приказна и транспарентниот процес се најсилните алатки за рушење на митовите и отворање на нова перспектива за тоа што значи „вредност“ во модата.
Дали мислите дека во Македонија расте свесноста за одржлива мода и купување втора рака? Какви промени забележувате?
Да, апсолутно. Последниве неколку години, се чувствува вистинска промена – особено кај генерациите Z и миленијалците. Сè повеќе млади луѓе избираат second-hand мода не само како поевтина алтернатива, туку како израз на став и вредности. Станува сè појасно дека да се биде одговорен потрошувач е нешто што инспирира и обединува.
Гледаме раст на локални thrift продавници, vintage настани, свопови, и инфлуенсери кои ја носат втората рака со гордост. Она што порано се сметаше за „помалку вредно“, денес станува симбол на свесност, индивидуалност и стил без компромис. Преку „Ministry of Second Hand“ постојано добиваме сведоштва од жени кои првично имале предрасуди – дека облеката од втора рака е „непожелна“ или „не нивно ниво“. Но со малку доверба, инспирација и заедничко искуство, тие предрасуди се распаѓаат. И тоа е најголемата потврда дека свеста расте – кога луѓето сами ќе ја почувствуваат трансформацијата.
Што би им кажале на оние што сè уште се скептични кон носењето облека од втора рака?
Им велам: дајте ѝ шанса. Почнете со едно парче – шал, чанта, јакна – нешто што ви го фаќа окото. Многу брзо ќе се уверите дека втората рака не значи втора класа. Напротив – ќе откриете парчиња со квалитет, карактер и уникатност што не може да се купи во трговски центар. Second-hand модата ви дава можност да изградите стил што зборува за вас, а не за трендовите. Секое парче носи приказна – и додава слој автентичност на вашиот изглед. Носењето облека од втора рака не е компромис, туку избор со вредност. Чувството дека изгледате различно, стилски и – што е најважно – свесно, е нешто што освојува од првиот чекор.
Каква е вашата лична филозофија кога станува збор за одржлива мода и потрошувачка култура?
Секогаш почнувам од втората рака. Мојот прв избор се секогаш thrift и vintage парчињата – затоа што таму најчесто се кријат вистинските бисери: уникатни, квалитетни и со приказна. Ако не најдам нешто што ми одговара, дури тогаш размислувам за купување во продавници.
Овој пристап не е ограничување – туку свесна одлука.Верувам дека стилот не доаѓа од тоа колку често купуваш, туку колку внимателно избираш. Модата за мене е начин да изразам личност, не да следам импулси или краткотрајни трендови. На крајот од денот, секое купено парче е избор. А секој избор има тежина – за тебе, и за светот што го градиш со него.
Каква е улогата на социјалните мрежи во подигнувањето на свесноста за купување втора рака?Дали гледате позитивни резултати?
Улогата на социјалните мрежи е огромна – тие станаа главен канал преку кој се пренесува алтернативниот наратив за модата. Наместо гламур и константна новост, сега гледаме стилизирани second-hand аутфити, искрени приказни за потеклото на облеката, и совети за свесно купување. Тоа е моќна алатка за едукација, инспирација и размена на вредности. Преку „Ministry of Second Hand“ секојдневно гледам како луѓето се поврзуваат – не само со облеката, туку и со идејата зад неа. Видливоста на second-hand културата расте, а со неа и интересот, прашањата, па дури и трансформацијата на ставови. Најголемата вредност? Автентичноста. Социјалните мрежи ни дозволуваат да го споделиме процесот, не само резултатот. И кога луѓето ќе се препознаат во нечиј пат – од скепса до инспирација – тогаш почнува вистинската промена.
Многу луѓе сметаат дека облеката од втора рака може да биде уникатен моден израз. Како според вас second-hand модата влијае врз креативноста во стилот?
Second-hand модата те поттикнува да размислуваш надвор од конвенционалните трендови и масовното производство.Бидејќи не можеш да најдеш идентични парчиња насекаде, секој аутфит станува единствена комбинација на твоја инспирација, личен вкус и малку среќа. Тоа е како да играш игра со стилот – експериментираш, мешаш, создаваш нешто што е исклучиво твоја изјава.Токму во тоа се крие креативноста на second-hand модата: можеш да бидеш вистински дизајнер на својот изглед, без ограничувања и повторувања. Битола отсекогаш била предводник на модата – и во минатиот, и во овој век. Верувам дека токму тука, кај нас, облеката од втора рака има посебно место, највисока кота. Јас пак, ја носам мисијата да ја ширум свесноста за тоа не само во Битола, туку низ цела Македонија, па и пошироко. Кога пред дваесетина години првпат влегов во продавница за втора рака, ме фати едно чувство сосем поинакво од она во брендираните бутици. Не дека не сум уживала и во нивните излози – го шетав Менхетн, се восхитував на Шанзелизе, а во Лондон се губев и црпев инспирација воулиците полни стил. Но „секнд хенд“ е посебна приказна. Тоа е возбудлива авантура, игра на откривање. Никогаш не знаеш што ќе најдеш – парче што носи дух, историја, карактер. Се препушташ на инспирацијата, превртуваш и прегледуваш секој агол, во потрага по моден бисер. Мојата најсилна страна е тоа што умеам да гледам подлабоко од првиот впечаток. Ги чувствувам парчињата уште од моментот кога ги откривам – не само како облека, туку како потенцијални ѕвезди на мојот стил. Дури и кога се неугледно расфрлани, јас веќе ги замислувам во совршена комбинација која ќе ги истакне нивните најдобрите страни, и најчесто успевам. Сево ова веќе е повеќе од купување – тоа е креативна игра, уметност на препознавање и оживување. Со оваа способност, го трансформирам second-hand шопингот во вистинска модна авантура и уникатен израз на личноста. Она што ја прави оваа приказна уште посебна се луѓето кои ја живеат истата страст. Круг на инспиративни и освестени индивидуи, кои не само што носат облека, туку носат и порака – за стил, почит и одржливост.