Од фудбалските терени во Македонија и регионот, до индивидуалната борба на атлетските патеки, спортскиот пат на Теа Божиновска е приказна за истрајност, дисциплина и тивка ментална сила. Во средина што ретко нуди идеални услови за младите спортистки, таа рано учи дека успехот не се гради само на талент, туку на секојдневна работа, фокус и лична одговорност. Во ова интервју, Божиновска зборува за првите чекори во фудбалот, преминот кон атлетиката, менталната издржливост и женската сила што се гради далеку од аплаузите – чекор по чекор, трка по трка.
Почетоците во спортот секогаш бараат истрајност, особено кога системот не е идеално поставен за млади спортистки. Како твоите први години во ЖФК Скопје и другите клубови ја обликуваа твојата ментална резилиентност?
Сосема се согласувам. Условите и системот кај нас не се сјајни за младите спортистки, меѓутоа секогаш се поттикнував со мислата дека постои причина зошто сум започнала со спорт. Дека има нешто повеќе од самото тренирање. Идејата да започнеш со нешто не се појавува без причина во твојата глава.


Фудбалот бара врвна физичка подготвеност и постојано темпо на тренинзи и натпревари. Кој момент од тие интензивни години најмногу те научи дека талентот сам по себе не е доволен без дисциплина, посветеност и отпорност?
Тоа го сфатив кога направив трансфер во хрватскиот клуб Ријека, каде што видов многу талентирани девојки кои не сакаа да тренираат и набрзо се откажаа од спортот. А од личен аспект, би го издвојала моментот кога станав дел од А-репрезентацијата на Македонија. Да бидеш во стартната постава покрај повозрасни и поискусни колешки навистина бара огромна работа, напор и целосна посветеност.
Преминот од фудбал кон атлетика не е вообичаена патека, но кај тебе изгледа природно. Што најмногу те привлече кон индивидуалниот напор на атлетиката во споредба со тимската динамика на фудбалот?
Дури и кога играв фудбал, секогаш пред екипниот тренинг трчав 5 или 10 километри, зависно од денот. Тоа ми беше секојдневна навика. Кога почнав да се пријавувам на трки, си реков: „Ова е за мене, тука сум среќна.“ Најмногу ме привлече фактот дека сам си одговорен за својот успех и неуспех. Сѐ зависи од твојата посветеност, истрајност, фокус и верба во себе. Во фудбалот, пак, многу работи зависат и од другите на теренот.


Трките на 10 километри бараат и физичка и ментална издржливост. Кога бркаш рекордно време, што ти е најсилен сојузник – телото што си го тренирала или умот што го зајакнуваш секојдневно?
Дефинитивно умот. Молитвите што си ги кажувам долж целата патека – тоа е она што ме води. Умот и Бог.
Жените во спортот често мораат да создадат сопствен систем на поддршка. Како ја градиш менталната издржливост во денови кога мотивацијата е тивка или кога условите не се на твоја страна?
Сите знаеме дека не можеме да бидеме мотивирани секој ден. Јас си велам: „Нема совршени услови и не постои мотивација. Постои само цврста желба.“ Доколку самите не преземеме нешто во свои раце кога е тешко и напорно, верувајте – нема никој да го направи тоа за вас.
Во нашата средина, многу девојки се соочуваат со сомнеж, недостаток на поддршка или предрасуди уште на самиот почеток. Кој совет би им го дала за да ја откријат сопствената сила и да истраат?
Само одбијте ги тие коментари и мислења. Тоа е како некој да ви дава подарок – едноставно не го прифаќајте. Оставете го подарокот кај оној што го дава, а вие продолжете по патот што сте го избрале. Затоа што, верувајте, сѐ ќе се исплати.

Патувањата и трките ширум регионот и Европа носат различни искуства и енергии. Кое натпреварување ти го помести личниот праг на можностите и ти покажа дека можеш повеќе отколку што си мислела?
Искрено, трката што сѐ уште ми е во мислите е овогодинешниот Скопски маратон. Настапив на полумаратонот, поставив национален У23 рекорд и станав втора најбрза Македонка на полумаратон. Сепак, чувствувам дека можев да постигнам уште подобро време, но сѐ е со причина. Знам дека Бог така сакал, за следните трки да бидат уште повозбудливи. Верувам во тоа.

Од тимските терени во фудбалот до индивидуалната борба во атлетиката – твојата кариера постојано ја редефинира женската сила. Како денес ја разбираш силата на една спортистка и што значи таа за тебе лично?
Кон секоја жена што е спортистка имам посебна почит. За мене тие жени се исклучително силни, истрајни и фокусирани. Посебно ме инспирираат спортистките кои се и мајки. Знам колку многу жените мораат да поминат за да останат посветени на спортот – од коментарите и предрасудите, до грижата за домот, храната, работата, децата и секојдневните обврски. Навистина е огромна жртва. Но токму затоа и го сакаме спортот.

