Претставата „Народен пратеник“ на Македонскиот народен театар продолжува со успешната регионална турнеја. На 24 октомври, ова сценско остварување ќе биде изведено во главната натпреварувачка програма на 45. издание на реномираниот театарски фестивал „Борини позоришни дани“ во Врање, Србија, кој се одржува од 21 до 28 октомври.
Со ова дело, Бранислав Нушиќ уште еднаш потсетува дека смеењето е најсилното оружје против глупоста и корупцијата. Неговата остроумна сатира за човечката суета, лицемерието и алчноста, преку фин, интелигентен хумор го пресликува „малиот човек“ кој, стекнувајќи политичка моќ, го губи моралниот компас. Драмата го разоткрива општеството засновано врз корупција, клиентелизам и дволичност, додека со сарказам се потсмева на политичката култура и наивната вера во властите.
„Народен пратеник“ останува времено безвремено дело, бидејќи темите за амбицијата, поткупот и честољубието — како и неконтролираниот стремеж по статус — се еднакво актуелни и денес.
Претставата е во режија на Егон Савин, еден од водечките театарски режисери на Балканот, а во актерската екипа настапуваат: Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов, Тања Кочовска и Александар Михајловски (глас), заедно со ансамблот Дејан Стамчевски, Синан Ракип, Скендер Бериша, Зекирија Алим, Мирослав Атанасовски, Мартин Китановски и Хусеин Халили.
Селекторот на годинашното фестивалско издание, д-р Мирослав Радоњиќ, во програмата вклучи седум претстави од водечки театри од регионот, кои ќе се натпреваруваат за главните награди, како и една претстава во чест на наградените.
Освен МНТ, во натпреварувачката програма учествуваат и: Театар „Бора Станковиќ“ – Врање, Битеф театар – Белград, Народно позориште – Белград, Народно позориште на Република Српска – Бања Лука, Градско позориште „Семберија“ – Бијељина и Звездара театар – Белград.
„Борини позоришни дани“ повеќе од четири и пол децении претставува значаен културен репер на српската и регионалната театарска сцена, промовирајќи висок квалитет во сценската уметност и создавајќи простор за дијалог меѓу различни естетики, поетики и културни контексти.
Со учеството на овој престижен фестивал, Македонскиот народен театар уште еднаш ја потврдува својата стратегиска ориентација кон регионална соработка, културна размена и афирмација на македонската театарска уметност пред пошироката меѓународна јавност.