Македонија би можела да биде една од земјите во светот во кои апликацијата ТикТок е забранета во училиштата.
Ова е поттикнато од настаните во соседна Србија, каде што 13-годишно дете уби 8 соученици и домар во училиште во белградската населба Врачар и рани неколкумина.
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири најави дека и денеска продолжуваат состаноците со институциите кои ќе проценат кои се потенцијалите ризици од употреба на социјалната мрежа Тик Ток и какви материјали содржи. Се разгледуваат видеа преземени од апликацијата, а МВР ќе процени дали се работи за лош материјал.
„Денеска ќе продолжиме со состаноците со институциите кои треба да проценат какви содржини има и како се употребува ТикТок. Ако во институциите за безбедност се потврди , како што знаеме, некои од видеата кои беа разгледувани од МВР, како лош материјал заедно со Министерството за информатичко општество и Агенцијата за електронски комуникации и другите институциуи во делот на доменот на функционирање на Тик-Ток, ќе ги разгледаме сите можности во начинот на неговата употреба како апликација“ изјави Шаќири.
Ќе се анализира и начинот на користење на другите алатки и социјални мрежи, односно како да има конкретни ограничувања во начинот на нивното отворање, потврдата на податоците, внесувањето на некои податоци итн. За тоа ќе биде разговарано со психолози, педагози и стручни лица од образованиот сектор.
„После овие мерки, ќе имаме и конкретен протокол на мерки на крајот на учебната година која завршува, а од септември ќе има повеќе протоколи, повеќе прирачници. Ќе го разгледаме и постоечкото упатство за училиштата, воспитната програма, работата на центрите за социјална работа итн“, порача министерот за образование и наука.
Неговиот став е дека тие не треба да се користат во училишна средина, а МОН веќе изработува протоколи и насоки за стручните служби на училиштата и наставниците, како тие ризици би се минимизирале, а нивната употреба да се ограничи или целосно да се оневозможи.
„Ги повикувам сите наставници, како и родители, на поотворен дијалог, надминување на шокот и неверувањето, промоцијата на разбирањето и позитивните согледувања, со цел да се помогне на своето дете, како и на децата околу нас, бидејќи тие се најзагрозената категорија во моментот. Исто така веќе во консултација со експертската заедница од повеќе институции и факултети, ќе се зајакнат дополнително превентивните програми за борба против булингот, промоција на ненасилството и дијалогот, како клучни елементи за образование и развој на нашите ученици, најавува Шаќири.
Претходно, пратеничката и лидерка на Либерално-демократската партија, Моника Зајкова, побара забрана за Тик-ток во земјава.
„Особено е потребна е забрана на Тик-ток како и останатите социјални мрежи кои поттикнуваат насилство бидејќи и во нашата земја сведочевме на жртви од користењето на овие мрежи. Забрана и контрола на симнување на игри, содржини и апликации кои експлицитно покажуваат и поттикнуваат насилство. Исто така, ЛДП преглед и контрола на филмови кои можат особено кај помладите луѓе да поттикнат насилство, манипулативно да бидат употребени во пропагандистички цели со величање на насилството“, кажа Зајкова.
Министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу вчера изјави дека како Министерство, немаат заземено став дали треба да се забрани ТикТок, но сметаат дека е потребна регулација на социјалните платформи. Пред сè, нагласува тој, цензурата во земјата е регулирана со Уставот и затоа конечен став може да се донесе откако ќе се направат консултации и координации со правосудните инстанци и со останатите безбедносни, но и образовни институции.
Во последниве години „Тик-ток“, платформа во сопственост на кинеската компанија „Бајтденс“, се соочи со обвинувања од владини агенции и експерти за споделување кориснички податоци со кинеската Влада. Од друга страна, компанијата ги отфрла наводите и тврди дека „Тик-ток“ работи независно. Владините агенции во некои земји како Обединетото Кралство, САД, Данска, Белгија ја забранија апликацијата на службените телефони, а други како Индија, Пакистан и Авганистан ја забранија низ целата земја.
Сепак, дел од експертската јавност и граѓаните се против забрана на социјалните мрежи бидејќи решението не го гледаат таму, туку во едукација на младите и децата за препознавање на ризиците и негативните содржини што можат да придонесат за негативни и лоши последици.