Во четврток, 25 септември, од 20:00 до 22:00 часот, во галеријата „Пионери“ ќе биде отворена самостојната изложба на уметницата Мила Добревска со наслов „Наследена носија“. Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија. „Наследена носија“ го пресликува духот на македонската жена и ги преточува традиционалните вредности во нови обележја на современото однесување.
Во овој контекст наследените носии не се само облека, туку и начин на претставување и одраз на тоа како другите нè перцепираат, пренесувајќи ги наследните особини и тенденции што нè прават препознатливи. Изложбата се обраќа на помладата генерација како потсетник на вредностите што остануваат нераскинлив дел од нашето културно наследство: добрина, љубов, критичка свест, истрајност и снаодливост. Тие се претставени преку дуалистичка интерпретација на минатото и сегашноста, преку споредби, хармонии и испреплетувања што создаваат нови толкувања и адаптации. Инспирирана од традиционалната орнаментика и вез, Мила Добревска во своите дела ги преиспитува и прилагодува основните елементи на уметноста – боја, линија, површина, форма, материјал и простор – користејќи рачно моделирана цементна маса, површини посипани со стакло и иновативни техники на ткаење и сликање. Наследените вредности, пренесени во овие нови медиуми, добиваат современа форма што смело се вклучува во актуелниот општествен контекст.