Менструалната хигиена не е привилегија. Денеска по повод 28 мај – Денот на менструалната хигиена, здружени активистки и активисти-претставници на регионалната Мрежа за родово-одговорно буџетирање, Платформата за родова еднаквост и PERIOD Movement Skopje, одржаа протестен собир пред Министерството за финансии за да стават крај на менструалната и женската сиромаштија. Тие побараа намалување на данокот на додадена вредност од 18 % на 5 % на производите за менструација со цел намалување на продажната цена на овие производи, поттикнување на употребата на менструални чашки преку субвенционирање на цената, одвојување средства од буџетот за создавање на соодветни услови за одржување менструална хигиена во тоалетите на училиштата и јавните тоалети, бесплатни и достапни прозводи за менструација во основните и средните училишта и во јавните тоалети на територија на Република Северна Македонија, на товар на Буџетот на државата.
„Стапката на ДДВ за менструалните производи е 18 проценти, исто колку и за шише виски и кутија цигари. Менструалните производи не се луксузно добро туку основна потреба. Спроведената анализа на трошоци покажува дека во РСМ на годишно ниво потребно е да се издвојат помалку од 1 процент од буџетот за да се обезбедат менструални производи за ученичките од основно и средно образование. Менструалното здравје е прашање од јавен интерес, а менструалната правда е предуслов за социјална правда“, вели активистката Љупка Трајановска.
Активистката Трајановска посочи дека бараат од државата, која се декларира како земја кандидат за членство во Европската Унија, да ја преземе обврската и да го олесни одржувањето на менструалната хигиена за 50% од населението. Таа додаде дека националниот буџет мора да биде родово одговорен и распореден да ги задоволува подеднакво потребите на жените и девојчињата, како и на мажите и момчињата.
„Последните две истражувања спроведени од „Реактор“ и „Тииит!Инк“ и „Новинари за човекови права“ покажуваат дека 77 проценти од анкетираните жени и девојки трошат до 400 денари месечно на производи за менструална хигиена. Секоја трета испитаничка барем еднаш во животот се нашла во ситуација да нема пари да купи влошки и да мора да импровизира со крпи, весници, тоалетна хартија и слично. 29,5 проценти од жените кај нас не можат да си дозволат никакви менструални производи. Во јавните тоалети во нашата земја нема услови за безбедно и достоинствено одржување на менструална хигиена, кажа Трајановска на денешниот протест.
Ако на ова се надоврзат и податоците дека во РСМ 55,3 проценти од работоспособните жени и девојки се економски неактивни, односно невработени, а со тоа и зависни, а 22 проценти од жените на возраст од 18 до 64 години живеат под прагот на сиромаштијата тогаш време е државата како кандидат за ЕУ да ја примени резолуцијата од Европскиот парламент од 2019 година со која се повикаа сите земји членки да ги намалат даноците за прозводи за менструална хигиена, повикувајќи се на начелата за родова еднаквост и недискриминација, децидни се активистите. Според нив оваа директива веќе е спроведена во Белгија, Холандија, Португалија, Франција и Кипар кадешто данокот се движи од 6 до 5 проценти.
„Тука сме да ја разбиеме менструалната стигма. Не, менструацијата не е срамна. Менструацијата е природна појава за секое девојче, девојка и жена со која во просек се справуваме 38 години од животот. Менструалното искуство за секоја од нас е различно во времетраењето, обемот, болката, но она што ни е заедничко е потребата од менстурални производи за ефикасно, безбедно и квалитетно одржување на менструалната хигиена“, кажа Трајановска.