По повод 1 октомври – Светскиот ден на интелигенцијата, Менса Македонија организира тестирање на општата интелигенција за сите заинтересирани кои сакаат да станат дел од оваа престижна меѓународна организација. Настанот ќе се одржи во среда, 1 октомври 2025 година, со почеток во 18:30 часот, во просториите на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) во Скопје, на адреса Руѓер Бошковиќ 18.
За учество на тестирањето кандидатите треба да имаат наполнето најмалку 16 години, да уплатат 600 денари на сметката на Менса Македонија (примач: Менса Македонија, сметка: 300-0000002113-02 Комерцијална банка, цел на дознака: „Тестирање“), да приложат доказ за извршена уплата при пријавувањето и да понесат документ за лична идентификација на самиот ден на тестирањето. Потребно е од претходното тестирање да имаат поминато најмалку шест месеци, а дозволено е да се полага најмногу два пати. Пријавувањето се врши онлајн на следниот линк forms.gle/LWDH9XC8LGAvSiA36, најдоцна до 30 септември 2025 година.
Во согласност со иницијативата на Менса за поддршка на крводарителството и младите, сите крводарители, ученици и студенти добиваат 50% попуст и уплатуваат само 300 денари. Тестирањето се изведува со стандардизирани тестови за интелигенција на Mensa International®, а резултатите се доверливи. Кандидатите кои ќе постигнат резултат во горните 2% од светската популација стекнуваат право на членство во Менса Македонија и автоматски стануваат дел од глобалната заедница на Mensa International®.
Повеќе информации може да се најдат на Facebook страницата Менса Македонија и на официјалната веб-страница www.mensa.org.mk.