По пет години постоење, Studio1 наместо класична ретроспектива избира свесен творечки ризик – монографијата „Thirty Days / One Studio“. Наместо да се навраќа наназад, Антонио Станков се одлучува за интензивен процес на создавање, архивирање и целосно присуство во сегашниот момент. Триесет дена, едно студио, нови едиторијали и луѓе со кои низ годините изградил заедничка креативна историја.
Во овој разговор, Станков зборува за сопствената авторска еволуција во рамките на Studio1, за фазите на учење и визуелно созревање, за интимноста на портретот и за значењето на „невидливите“ моменти – оние што се случуваат меѓу позите. Тој размислува и за материјалноста на книгата како тивок отпор кон брзата дигитална потрошувачка, за довербата како суштински елемент во работата со луѓе и за студиото како жив организам што се гради преку заедница, а не преку однапред зададени планови.
Ова е интервју за процесот, тишината и емоцијата – и за фотографијата како континуирано учење и постојано присуство.
Пет години Studio1 – што претставува овој период за тебе како автор? Како би ги опишал фазите на својот визуелен и професионален развој во рамките на студиото?
– Пет години Studio1 за мене претставуваат доказ дека со упорност, јасна желба и силна идеја многу нешта се возможни. Овој период го доживувам како пат на континуиран раст, истрајност и лична еволуција – и како автор и како професионалец. Мојот развој во рамките на студиото би го поделил во две фази. Првата е фазата на импресионизам – фаза која, според мене, секој автор треба да ја помине на самиот почеток. Тоа е период во кој си фасциниран од индустријата, гладен за знаење, подготвен да учиш нови работи и мотивиран да бидеш дел од нешто поголемо, додека истовремено создаваш и експериментираш.
Потоа следува фазата на учење – фаза која, всушност, никогаш не треба да заврши. Таа се одвива низ повеќе етапи и подразбира постојана работа, како на техничкиот развој, така и на визуелното созревање и изградување на авторскиот израз. Токму во оваа континуирана динамика помеѓу учењето и создавањето го гледам суштинскиот напредок и вистинската вредност на моето професионално патување во Studio1.
Монографијата „Thirty Days / One Studio“ е резултат на еден специфичен творечки процес. Кој беше иницијалниот импулс што те натера да го „архивираш“ просторот и времето во овие триесет дена?
– Монографијата „Thirty Days / One Studio“ е резултат на еден специфичен и интензивен творечки процес, но и природна последица на размислувањето за тоа како да се одбележат пет години од постоењето на студиото и мојата авторска работа. Идејата за книгата се појави како интуитивен одговор на таа дилема – како форма што ќе го заокружи периодот, но и ќе отвори ново поглавје.
Од самиот почеток знаев едно: не сакав ова издание да биде класична ретроспектива на веќе постоечка работа, иако таа несомнено постои и има своја тежина. Напротив, мојата желба беше монографијата да содржи целосно нови едиторијали, создадени специјално за ова издание, како автентичен одраз на моментот во кој се наоѓам – и како автор и како студио. Личностите и брендовите застапени во книгата не се случаен избор; тие се мои долгогодишни соработници со кои во изминатиот период изградив исклучително продуктивна и искрена соработка. На тој начин, монографијата стана и својевиден документ на заедничкиот креативен процес и на релациите што го обликуваа мојот професионален пат. Како што пристапив документаристички кон самите фотосесии, така и насловот на книгата произлезе од истиот принцип. „Thirty Days / One Studio“ е намерно јасен, директен и лишен од симболични додавки или поетски интерпретации – наслов што не се обидува да го објасни процесот, туку едноставно да го евидентира. Тоа е архивирање на простор и време, сведоштво за еден континуиран, жив и автентичен креативен процес во рамките на триесет дена, во едно студио.
Книгата функционира како визуелен дневник, но и како уметничка изјава. Кои приказни или концепти сакаш читателот да ги препознае зад кадрите? Што е она „невидливо“ што го носи оваа монографија?
– Доколку нешто би сакал читателот да го препознае зад кадрите, тогаш тоа е емоцијата, особено во портретите. Во процесот на селекција, заедно со кураторот на проектот, Дејан Џолев, се обидовме да издвоиме токму такви емотивни моменти – моменти што не се режирани или однапред испланирани.
Тоа се фотографии кои не настанале во самиот чин на „позирање“, туку во оние кратки, речиси невидливи интервали пред или по позата. Токму таму, во таа транзиција, се појавуваат искреноста, ранливоста и човечката присутност што за мене ја носат вистинската тежина на сликата. Тоа е „невидливото“ што ја гради оваа монографија: тивките паузи, спонтаните погледи и моментите во кои субјектот престанува да глуми, а едноставно е.






Работиш со луѓе од различни профили – уметници, брендови, јавни личности. Што научи од таа разновидност и како тие искуства се рефлектираат во оваа монографија?
– Работата со луѓе од различни профили ме научи на флексибилност и внимателно слушање. Секој субјект носи сопствен ритам, енергија и начин на комуникација, и мојата улога како автор е да го препознаам тоа и да се прилагодам, без да ја изгубам сопствената визуелна линија. Искуството со уметници ми помогна подлабоко да ја разберам потребата за слобода и експресија, додека соработката со брендови ме научи на дисциплина, јасност и одговорност кон концептот. Јавните личности, пак, ме потсетија колку е важно да се пробие слојот на препознатливата слика и да се стигне до нешто поинтимно и поискрено. Сите тие искуства се присутни во монографијата, но не како директна нарација, туку како слоеви. Тие се рефлектираат во начинот на кој пристапувам кон портретот, во довербата што се создава за време на процесот и во изборот на моменти што не се наметнати, туку природно се случуваат. На крајот, различноста на луѓето не ја доживувам како предизвик, туку како богатство што го проширува мојот авторски јазик.
Во време кога дигиталната фотографија е брза, филтрирана и лесно потрошлива, монографијата е спротивност – трајност и материјалност. Зошто ти беше важно проектот да добие физичка форма и што носи книгата што дигиталниот формат не може?
– Можеби немам еден прецизен и однапред осмислен одговор на ова прашање, бидејќи одлуката не произлезе од рационална анализа, туку повеќе од внатрешен импулс. Сепак, ако се обидам накнадно да рефлектирам, мислам дека причината лежи во самата човечка природа – ние, како луѓе, имаме потреба од предизвици. Дигиталната фотографија денес е дел од нашето секојдневие: брза, достапна и постојано присутна. Токму затоа, во контекст на овој проект, таа не ми претставуваше доволен предизвик. Сакав нешто поинакво, нешто што ќе ме измести од удобната зона и ќе бара поинаков ритам, поголема посветеност и свесност во процесот. Во овој случај, тоа „различно“ се покажа како аналогното и материјалното – книгата како физички објект. Таа носи тежина, и буквално и симболично. Бара време: да се земе в раце, да се прелистува, да се задржиш на одредени страници. За разлика од дигиталниот формат, кој функционира во поинаков контекст и динамика, книгата создава поинтимен и поконцентриран однос со гледачот. На крајот, можеби токму таа бавност и материјалност ѝ овозможуваат на монографијата да постои надвор од моментот и да трае.
Јубилејот секогаш е момент за поглед наназад, но и за нови планови. Каде го гледаш Studio1 во следните пет години и кои се амбициите што сакаат да избијат на површина по овој проект?
– Јубилеите често нè ставаат во позиција да правиме планови и најави, но јас не сум некој што сака однапред да ветува или да зборува за проекти за кои сè уште нема јасна форма и насока. Верувам дека идеите треба природно да созреат, а не да се најавуваат пред да бидат навистина подготвени.
Она што со сигурност го знам е дека Studio1, како и досега, ќе продолжи да се развива како иновативен простор за создавање и размена на идеи. Моја амбиција е студиото и понатаму да биде место отворено за повеќе автори од индустријата – простор каде што ќе се поттикнуваат креативноста, експериментирањето и соработката.
Наместо фокус на конкретни проекти, фокусот го гледам во градењето заедница. Верувам дека токму заедницата, луѓето и процесите што се создаваат меѓу нив, се најголемата вредност и основа врз која Studio1 ќе ги гради своите следни пет години.






