Краткометражниот филм „Мала шега“, во режија на младиот автор Трифун Ситниковски, ја продолжува својата импресивна фестивалска траекторија, прикажувајќи се на дури 18 интернационални фестивали низ светот и во земјава, вклучувајќи ги Данска, САД, Италија, Финска, Кореја, Нигерија, Бразил и Узбекистан.
Филмот ја имаше својата светска премиера на престижниот „Оденсе интернационален филмски фестивал“ во Данска, еден од фестивалите со најдолга традиција посветени на кратката форма, каде што билетите за првата проекција беа распродадени. Настанот беше посетен од над 250 интернационални гости, вклучувајќи програмери, продуценти и филмски критичари.
До овој момент, „Мала шега“ е добитник на пет значајни награди, домашни и меѓународни:
• Награда од публиката и Специјално признание за актерска изведба на Јана Никодиновска на фестивалот „Sирни Фестивал“ во Скопје
• Најдобар филм на реномираниот „Филмски Фронт“ во Нови Сад
• Златна награда и Најдобра актерка (повторно Јана Никодиновска) на фестивалот „Уника Кореја“ во Јужна Кореја
Фестивалската селекција ја вклучува и програмата на:
Hobnobben Film Festival (САД), Bardi Film Festival (Италија), Pori Film Festival (Финска), Zuma Film Festival (Нигерија), Janjira IFF (Индија), Fescilmar (Полска и Венецуела), Red Line IFF (Италија), Pupila Film Festival (Бразил), Mediterranean Film Festival (Хрватска), како и MANAKI BROTHERS и Winter Apricots на домашна почва.
Сценариото, базирано врз истоимениот расказ на Антон Павлович Чехов, претставува суптилна и емотивно нијансирана адаптација во современ македонски контекст, фокусирана на младиот поглед кон љубовта, несигурноста и романтичната наивност. Главните улоги ги толкуваат Јана Никодиновска и Марко Илиевски, а режисерот Ситниковски демонстрира исклучителна визуелна чувствителност и авторски глас што привлекува внимание надвор од границите на регионалното.
Проектот е резултат на соработка помеѓу ДНФ Филмс и Истражувачка репортерска лабораторија – ИРЛ (Македонија), како и хрватската Изван Фокуса, со поддршка од Вардар Филм, Агенцијата за филм на Северна Македонија и Хрватскиот аудиовизуелен центар.
Зад визуелниот израз стои кинематограферот Сергеј Сарчевски, продукцискиот дизајн е дело на Александра Петкова, музиката на Мартина Силјановска, додека костимографијата ја потпишува Марта Дојчиновска. Монтажата и продукцијата се во рацете на Гоце Кралевски, а како копродуценти се јавуваат Сашка Цветковска и Адријана Пруговечки.
„Мала шега“ е пример за тоа како класичната литература може да добие нов, свеж импулс преку млади авторски гласови кои го препознаваат универзалното во локалното – и го раскажуваат на јазикот на модерниот филм.